Станува збор за ретка вирусна инфекција која е обично со благи симптоми и од која луѓето се заздравуваат за неколку недели. Вирусот не се шири лесно меѓу луѓето и проценките се дека ризикот за пошироката јавност е многу низок, но сепак има и загриженост дека ширењето може да се заврза со оглед на пролетниот и летниот период кога има многу повеќе собири
Досега повеќе од 80 случаи на мајмунски сипаници, кои ги загрижија здравствените власти во Европа и светот, се потврдени во најмалку 12 земји.
Светската здравствена организација (СЗО), без да прецизира во кои земји, соопшти дека се истражуваат уште 50-тина сомнителни случаи и предупреди дека најверојатно ќе бидат пријавени повеќе случаи.
Засега, инфекции со мајмунски сипаници се потврдени во девет европски земји (Велија Британија, Шпанија, Португалија, Германија, Белгија, Франција, Холандија, Италија и Шведска), како и во САД, Канада и Австралија.
Според објаснувањето од британските здравствени власти, станува збор за ретка вирусна инфекција која е обично со благи симптоми и од која луѓето се заздравуваат за неколку недели. Вирусот не се шири лесно меѓу луѓето и проценките се дека ризикот за пошироката јавност е многу низок.
Сепак, регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, вчера рече дека е загрижен оти ширењето на мајмунските сипаници може да се забрза во регионот бидејќи луѓето се собираат на забави и фестивали во текот на летните месеци.
„Додека влегуваме во летната сезона во европскиот регион, со масовни собири, фестивали и забави, загрижен сум дека преносот може да се забрза бидејќи моментално се откриваат случаи меѓу сексуално активните луѓе и симптомите се непознати за многумина“,
рече Клуге.
Тој вели дека клучни мерки за заштита од зараза се хигиената на рацете и респираторната хигиена, како и личната заштитна опрема и соодветната изолација на сомнителните и потврдени случаи.
Од СЗО во последниот извештај предупредија и да се стигматизираат луѓето што фатиле мајмунски сипаници бидејќи тоа може да ги спречи луѓето да пријават дека се заразиле, а со тоа да се отежни и ставањето крај на епидемијата со овој вирус.