„Да не дозволите ова да се случи повторно! Вакво злосторство не смее да се толерира. Не смее веќе родители да плачат и да молат за правда“, се вели во дел од писменото обраќање на Зорица Ѓорчевска
Во завршните зборови од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Основното јавно обвинителство Скопје денеска побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев. За таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, Обвинителството побара судот да му одреди соодветната затворска казна.

Во завршниот збор, адвокатката на мајката Зорица Ѓорчевска и сестрата Миња, побара од судот да ѝ биде дозволено да пренесе писмено обраќање од мајката Зорица, но не ѝ беше одобрено да се дочита во целост од страна на судот, со образложение дека истото не се однесува на околностите на кои што оштетение имаат право, а тоа се имотно правното побарување и кривичниот прогон.
Писмето обраќање на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска до судот го објавуваме во целост:
Почитуван суде,
Се обраќам до Вас не само како мајка на Вања, туку како човек кој живее со најтешка и необјаснива болка.
Скоро една година, целата јавност внимателно го следи овој макотрпен судски процес. Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар. Во текот на процесот, беа презентирани низа материјални докази и сведоштва. Секојдневно и насекаде слушаме различни теории на заговор, одбрани базирани на наводни политички прогони, местенки, безбројни приговори…Но, за жал, еден факт останува непобитен – Вања ја нема.
Ја киднапирале и ја однеле. Ја убиле безмилосно, на најбрутален начин. Детето мое.
Кога ќе слушневме за некој немил настан низ светот, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи во Македонија кај нас не се случуваат. Далечни ми беа.
Но се случи. И тоа токму мене, на моето најмило. И не смее да се повтори. Ниеден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав – да го испрати детето во училиште, и по една недела да го најде во мртовечки сандак.
Вања не е само број на жртва.
Вања беше живот – со очи, со глас, со планови.
Таа беше ќерка, сестра, внука, братучетка, другарка. Имаше 14 години и како секоја деветоодделенка се радуваше на долгоочекуваната полуматура. Правеше планови за зимување и летување со другарчињата од одделението, и подготвувајќи се за новите предизвици со кои требаше да се соочи во средно училиште – жалеше за разделбата од соучениците од основното училиште.
Вања сакаше да гледа стари филмови од 70-тите и 80-тите. Ги знаеше знамињата и главните градови – буквално на сите држави во светот. Кога ќе ја заинтересираше некоја тема, ја проучуваше детално, наоѓајќи одговор за секое прашање. Ја сакаше историјата, а најмногу сакаше да го проучува холокаусот – не можеше да разбере како е можно да се случи такво зло на толку луѓе.
Секое утро со музика се подготвуваше за на училиште. И тоа утро – последното утро, стана, си ја пушти омилената песна и потпевнувајќи, се подготви на училиште. Ја испратив до врата и и реков „се слушаме, мама, подоцна”. Тоа беше последен пат да ја видам.
Вања не ја дочека полуматурата. Не ги дочека ниту патувањата со соучениците, не дочека ниту да ги искуси предизвиците на средното училиште, на новите другарства, на првата љубов, на создавањето на свое семејство и остварување на личните амбиции…
Цела генерација на деца, соученици на Вања, доживеаа силна траума од нејзината насилна смрт. Долгоочекуваната полуматурата ја дочекаа во солзи, без волја да се забавуваат без својата другарка.
Вања остави зад себе шокирани и скршени родители, роднини, братучеди, а пред се – сестра која не знае како да го продолжи својот живот без неа. Двете растеа со верба дека што и да се случи, ќе се имаат една со друга.
Детето кое го одгледував со љубов, со грижа, со соништа. И тие соништа – сите до еден – се одземени. Со ладнокрвност. Со злоба. Со нечовечност.
Мината е година и пол. Но, јас ја живеам таа кобна недела секој ден. Како може некој да покаже сила врз живот што допрва започнувал?
Овој судски процес не ми дава мир. Тоа е мојот секојдневен пекол. Ја буди траумата, тагата и ја врти лентата на болката одново и одново, како секој ден да ја погребувам Вања. Но, јас морам да бидам дел од процесот, не од избор, туку од нужност. Морам да сум дел од процесот заради Вања, но и заради сите мајки.
Дали злото ќе добие казна што ја заслужува, или ќе испратиме порака дека животот на дете не тежи ништо?
Почитуван суде,
Вечерта кога ме однесоа за последен пат да си го видам своето мртво дете, низ плач му реков на инспекторот: „Немојте да дозволите ова да се случи на друго дете”.
Сега, го упатувам истиот апел и до вам – во оваа судница не се суди само за убиството на Вања – тука се суди за правото на секое дете во оваа држава да живее. Да расте. Да сонува.
Да не дозволите ова да се случи повторно! Вакво злосторство не смее да се толерира. Не смее веќе родители да плачат и да молат за правда. А јас сега Молам за правда. Правда за Вања.
Ви благодарам.