Обучувањето на менаџери од земјава на „Келог“ школата за бизнис во САД, една од петте најпрестижни во светот, со финансиска поддршка од „Македонија2025“, ги надминува сите очекувања – вели бизнисменот со успеси на глобално ниво, кој сака да го помага економскиот и демократскиот развој на земјата од која во 1969 година емигрирал во САД
Програмата на „Македонија2025“ за обука на стоте најдобри сегашни и идни менаџери од државава на „Келог“ школата за бизнис во САД дава одлични резултати – вели Мајк Зафировски, соосновач и член на бордот на директори на „Македонија2025“, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

„Ги надмина сите очекувања. Ако одите во ‘Келог’ програмата за развој на лидери, ние праќаме наши луѓе, велам наши зашто себеси се сметам за дел македонската култура, тие ќе ви кажат дека македонските кандидати, а носиме пет или шест, врвни лидери од САД, Канада, Бразил, Јужна Африка, Кореја, нивното ниво на комуникациски вештини, однос, инспиративно размислување, се на врвот“,
вели Мајк Зафировски.
Тој го посочува примерот на менаџерот Милош Радуловиќ од „Алкалоид“, кој рекол дека не бил свесен колку работите не ги разбирал додека не отишол таму.
„Таму се некои од најдобрите светски умови во маркетинг, вештачка интелигенција, лидерство, ланец на снабдување… Живко Мукаетов од ’Алкалоид’ прати пет луѓе. Прво, мислевме еден или двајца по компанија, а сега не може да дочека да прати повеќе“,
вели менаџерот со светско реноме.
Може ли да замислите ако 75 од нив станат извршни директори во земја со помалку од два милиона луѓе – вели Зафировски.
Притоа, од околу 50 илјади долари, колку што чини тринеделната школа по човек, околу 15% го плаќа компанијата или кандидатот, а остатокот го покрива „Македонија2025“. Лани организацијата организирала гала-донаторски прием на кој биле собрани 1,1 милион долари токму за оваа намена.

Зафировски: Тоа се моите пријатели. Кен Грифин, косновач на ’Цитадела’, еден од најголемите хеџ-фондови во светот. Крис Галвин, поранешен директор во ’Моторола’. ’Боинг’, многу компании инвестираа.
360°: Значи, не само Македонци?
Зафировски: Не, повеќето не се. Видете, тие прво ја гледаат мојата страст и ќе објаснам без да се срамам. Силна, независна, демократска Македонија е добро за регионот, добро е за САД, добро е за светот. И да се вратам на распределбата на богатството, има толку многу пари на располагање. Луѓето бараат добри причини за да инвестираат. Тоа е една од можностите, да се биде филантроп, да се даде колку што е потребно. И возбуден сум што гледам дека во бордот, кој имаше членови само од дијаспората, сега има шест луѓе од Македонија, следниот претседател на бордот е Виктор Мизо, директор од Македонија. Значи, не станува збор за луѓе само од надвор, туку ова навистина е група на посветени, реализирани Македонци кои ја ставаат земјата пред личниот интерес. Ни треба многу повеќе таков однос за да ѝ помогнеме на земјата да оди напред.