Сослушувањето на Мадуро, како што пишува Си-ен-ен според информации од судот за јужниот округ на Њујорк, ќе се одржи пред американскиот окружен судија Алвин Хелерштајн

Заробениот венецуелски претседател Николас Мадуро се очекува денеска да се појави во судницата во Њујорк. Ова следува откако во саботата во американска акција Мадуро и неговата сопруга беа заробени од домот во Каракас и со авион пренесени во Њујорк. Мадуро од вчера е задржан во притворниот центар во Бруклин.
Сослушувањето на Мадуро, како што пишува Си-ен-ен според информации од судот за јужниот округ на Њујорк, ќе се одржи пред американскиот окружен судија Алвин Хелерштајн.
Пред зградата на судот во Њујорк се поставуваат и метални бариери, како подготовка за присуство на медиумите за пристигнувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
Се очекува пред федералниот суд во Менхетен венецуелскиот лидер да се соочи со обвиненија за трговија со дрога и оружје.
Министерството за правда на САД објави ново обвинение против Мадуро, како и против неговите сопруга и син.
Во обвинението поднесено во федералниот суд во Њујорк, се вели дека повеќе од 25 години, лидерите на Венецуела „ги злоупотребуваа своите позиции на јавна доверба и ги корумпираа некогаш легитимните институции за да увезат тони кокаин во САД“.
Според американските обвинители, Мадуро е вклучен во шверц со кокаин уште од раните денови на неговата политичка кариера, прво како пратеник, потоа како министер за надворешни работи, а потоа и како претседател на Венецуела. Во обвинението се тврди дека тој го олеснувал транспортот на дрога под заштита на државата, им издавал дипломатски пасоши на дилери на дрога и обезбедувал непречен премин на авиони и бродови со дрога.
