Менаџментот го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како дел од борбата за подобрување на работничките права. Оттаму наведуваат дека секој штрајк во ваква безбедносна институција мора да биде организиран така што ќе биде ангажиран доволен број на контролори на летање и останати вработени

Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани, реагираа денеска од менаџерскиот тим на М-НАВ околу најавениот штрајк и заканите за „затворање на небото“ на 20 и на 24 октомври
Од М-НАВ велат дека како институција која е дел од критичната инфраструктура, нивната улога е директна заштита на животите и безбедноста на патниците, екипажот и целиот воздушен сообраќај над земјата.
Менаџментот го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како дел од борбата за подобрување на работничките права. Оттаму наведуваат дека секој штрајк во ваква безбедносна институција мора да биде организиран така што ќе биде ангажиран доволен број контролори на летање и останати вработени.
„Ниту една активност на синдикатите или кои било други субјекти не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата“,
се вели во реакцијата.
М-НАВ остро се спротивставува на сензационалистичките и неточни најави кои, според нив, се шират од дел од раководството на струковиот синдикат.
„Ширењето на дезинформации и панични наслови е неодговорно и може да создаде неоправдан страв кај јавноста и нестабилност во работењето на службите за авијација“,
предупредуваат од Менаџерскиот тим.
Од менаџментот на М-НАВ велат дека остануваат отворени за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и е подготвен да разгледа „реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања“.
Од М-НАВ порачуваат до сите засегнати страни да се воздржат од ширење на непотврдени информации.
Институцијата најави дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за непречено и безбедно функционирање на воздушниот сообраќај и нема да дозволи активности кои можат да ги загрозат патниците или функционирањето на системот.
Контролорите на летање најавија дека македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за авионски сообраќај на 20 и на 24 октомври поради штрајк.
Од Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) велат дека одлуката за штрајк ја активирале бидејќи менаџментот не ги исполнил претходно дадените ветувања и дека состојбата во претпријатието е сериозно загрижувачка. Според нив, клучни кадровски решенија во М-НАВ намерно се блокираат, а системот е на работ на колапс.
Од синдикатот нагласуваат дека 20 октомври е намерно избран како датум за почеток на штрајкот – ден по локалните избори – за да не може раководството да го претстави како политички мотивиран.