По демонтажата на стариот, треба да почнат градежните активности за поставување на нова конструкција, а потоа и инсталација на новиот модерен Мод S радар, кој според предвидената динамика треба да биде ставен во оперативна употреба во јуни следната година
Македонска навигација (М-НАВ) денеска соопшти дека успешно се завршени градежните активности за целосна демонтажа на останатите делови од стариот радар на Меѓународниот аеродром „Скопје“, кој треба да биде заменет со нов модерен систем.

Работите, како што информираат од М-НАВ, биле реализирани во период со магла и намалена видливост, што било оптимално искористено за комплетно и безбедно завршување на активностите, без целиот процес да има било какво влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај.
Со оваа фаза, како што додаваат оттаму е заокружен процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар, што беше предуслов за понатамошните активности за инсталација на новиот модерен радарски систем.
„М-НАВ и понатаму останува целосно посветен на безбедноста и континуитетот на воздушниот сообраќај, како и на навремена и професионална реализација на сите планирани активности“,
се вели во соопштението од државната компанија задолжена за контрола на авиосообраќајот на македонското небо.
Инаку, демонтажата на стариот радар на скопскиот аеродром започна на 14 декември. Процесот, како што информираа тогаш од М-НАВ, бил договорен на состанокот што на 1 декември годинава го одржале со тимот на компанијната „Леонардо“ и ангажираните домашни подизведувачи.
По демонтажата на стариот, треба да почнат градежните активности за поставување на нова конструкција, а потоа и инсталација на новиот модерен Мод S радар.
„Новиот радар значително ќе ја унапреди безбедноста и ефиканоста во управувањето со воздушниот простор“,
соопштија на 14 декември од М-НАВ.
Согласно предвидената динамика, целосното пуштање на новиот радар во оперативна употреба се очекува во јуни следната година.
