Минатата недела француското Министерство за култура одржа состаноци со синдикатите, со намера да се избегне затворањето на музејот во пресрет на божиќните празници
Музејот „Лувр“ во Париз утрово не е отворен за посетители поради штрајк на вработените, информира Ројтерс.
Штрајкот го поддржуваат 400 вработени и е најавен од претставниците на тамошните синдикати поради влошените услови за работа и неповолни финансиски средства.

Овој штрајк доаѓа во тежок период за музејот, кој сè уште се опоравува од кражбата на скапоцени камења во октомври во вредност од 88 милиони евра и неодамнешните проблеми со инфраструктурата, како истекување на вода што оштети антички книги.
„Повикот за штрајк едногласно е прифатен кратко по 10 часот“,
соопштија синдикатите, објави француски „Монде“.
Неколку десетици туристи утрово чекаа во ред пред музејот надевајќи се дека ќе можат да влезат.
Управата на музејот соопшти дека ги разгледува можностите за отворање на музејот, бидејќи има вработени што не го поддржуваат штрајкот.
Сепак, според француските медиуми, во зависност на обемот на штрајкот на вработените, може да се затворат дел од просториите, па дури и целата зграда на музејот.
Минатата недела француското Министерство за култура одржа состаноци со синдикатите, со намера да се избегне затворањето на музејот во пресрет на божиќните празници.
Министерството вети дека ќе го поништи намалувањето од 5,7 милиони евра на јавното финансирање за „Лувр“, планирано во буџетот за следната година.
Инаку, управата на Музејот е се соочува со принудна реорганизација поради безбедносните пропусти што им дозволија на крадците да одземат осум скапоцени предмети на 19 октомври годинава.
