Министерот за култура и туризам ја даде изјавата по денешната владина седница на која, како што рече, Владата ја разгледа информацијата и ги задолжи сите членови на институциите кои пристуствуваат во Комитетот за светско наследство преку координиран настап да биде поднесен амандман за овој извештај да се повлече
Резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад оставени од претходната влада во период од 2017 до 2024 година. Вака министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја оцени нацрт-одлуката на Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО со која се предлага Охридскиот Регион да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност.

„Актуелниот извештај се однесува токму на овој период на владеење на СДСМ и ДУИ. Во тие седум години не само што не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО, туку наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи и системско разнебитување“,
рече Љутков на денешната прес-конференција.
Министерот ја даде изјавата по денешната владина седница на која, како што рече, Владата ја разгледа информацијата и ги задолжи сите членови на институциите кои пристуствуваат во Комитетот за светско наследство преку координиран настап, заеднички да биде поднесен амандман за овој извештај да се повлече.
„Работиме со максимална посветеност во координација со сите надлежни институции, а тука се Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културно наследство, МНР, домашните експерти со цел да покажеме дека оваа Влада може и знае поинаку да се однесува кон културното наследство. Вистината ќе мора да се каже јасно – додека тие ги затвораа очите, ние ќе ги отвораме вратите за спас, додека тие молчеа пред предупредувањата, ние сакаме да зборуваме со дела“,
додаде министерот за култура и туризам.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот усвоен на 47. сесија бара Охридскиот Регион да биде преместен на листата на светски природни и културни богатства во опасност.
Во нацрт-одлуката се бара исполнување на забелешките на мониторинг-мисијата од минатата година и се нотираат слабостите на односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и Охрид како природно и културно наследство прогласени за светско богатство.