Во џамиите во земјава не се одржуваа молитви од средината на март, како превенција од ширење на коронавирусот
Џамиите ќе се отворат за молитви за верниците на 12 мај, одлучила вчера, на вонреден состанок, Исламската верска заедница (ИВЗ).
Состанокот е одржан по масовната литија во Струга по повод верскиот христијански празник Св. Ѓорѓија.
Како што се вели во нивното соопштение, ИВЗ уште од првите денови на пандемијата на ковид-19 се грижи да го заштити здравјето на граѓаните и ги прифати препораките и сугестиите на државните здравствени институции, така што, базирано на исламските принципи, одлучи да ги суспендира колективните молитви во џамиите.
Од ИВЗ велат дека внимателно го следат подобрувањето на здравствената ситуација во земјата и намалувањето на бројот на заразени од ковид-19.
Од ИВЗ се надеваат дека оваа одлука ќе наиде на разбирање кај надлежните државни институции.
Кон средината на март, поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи соопшти дека нема да се одржуваат организирани молитви во џамиите како превенција од ширење на коронавирусот.