Ваквата мерка, како што информираат од Судот, била изречена бидејќи тој самиот се пријавил на органите на прогонот. Дополнително, неговата одбрана доставила документација според која тој имал влошена здравствена состојба, а надлежниот јавен обвинител оценил и дека во притвор не може да се гарантира неговата лична безбедност
Инаку, случајот со Пецов стана актуелен во јавноста откако неговиот адвокат и поранешен државен правобранител Фехми Стафа заврши во притвор откако против него ОЈО ГОКК отвори истрага за примање мито од 50 000 евра токму во овој случај
Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот, вчера сам им се предал на органите на прогонот и бил изведен пред судија на претходна постапка. Пецов, кој е еден од обвинетите во случајот „Синџир“ беше недостапен за правосудните органи, а во отсуство му беше одредена мерка притвор.

„Во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка беше спроведен Љ. П. на кој од претходно, со решение на судот, му е определена мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода со решение КОК ПП 439/23 во предметот за јавноста познат како „Синџир“,
соопштија денеска од Кривичен.
Условно кажано, предавањето на Пецов доаѓа неколку дена откако во акција на ОЈО ГОКК беше уапсен неговиот адвокат и поранешен државен правобранител, Фехми Стафа. Тој заврши во притвор откако беше осомничен за примање поткуп за да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје на Пецов да му биде замената мерката притвор со куќен притвор.
И додека Стафа е во притвор, на Пецов претходно изречената мерка, што ја потврди и скопска Апелација, вчера му била замената со куќен притвор.
Имено, како што соопштија од Основниот кривичен суд Скопје, нему, на предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) наместо ефективен затворски му е определена мерка куќен притвор, со дополнителен 24-часовен надзор од МВР и одземање на двата пасоши што ги поседува.
Ваквата мерка, како што информираат од Судот, била изречена бидејќи тој самиот се пријавил на органите на прогонот. Дополнително, неговата одбрана доставила документација според која тој имал влошена здравствена состојба, а надлежниот јавен обвинител оценил и дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка го прифати предлогот на јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му се и двете патни исправи“,
се вели во соопштението од Кривичен, во кое се додава дека против решението на судијата и странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Судот.
Од Кривичен појаснуваат дека Судот не може да изрече поостра мерка за обезбедување присуство од онаа што е предложена на записник.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во одговор на новинарски прашања во врска со новиот тек на настаните поврзани со Пецов, велат дека одбраната на обвинетиот доставила предлог до судијата на претходна постапка во Кривичен за замена на мерката притвор во куќен притвор, на што се согласил и јавниот обвинител од ОЈО ГОКК.
Јавниот обвинител го изменил предлогот и се согласил на куќен притвор, затоа што обвинетиот сам се предал и затоа што не може да му се гарантира безбедност во притвор.
„Одбраната на лицето за кое покажувате интерес до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за изменување на определената мерка притвор во поблага мерка укажувајќи на нарушената здравствена состојба на лицето кое веќе било на болничко лекување и на кое му било препорачано понатамошно лекување.
ОЈО ГОКК ценејќи ги истакнатите околности, како и околностите што укажуваат на сериозни влијанија врз постапката и влијанија врз лицето, фактот дека лицето доброволно се пријавило и ги предало двете патни исправи што ги поседува и индициите што укажуваат дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, јавниот обвинител на закажаното рочиште пред судијата на претходна постапка го измени предлогот и предложи да му биде определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“,
велат од ОЈО ГОКК.

Инаку, случајот со Пецов стана актуелен во јавноста откако неговиот адвокат и поранешен државен правобранител Фехми Стафа заврши во притвор по отворањето истрага за примање мито од 50 000 евра против него од ОЈО ГОКК, токму во овој случај.
Стафа, според истрагата, требало да издејствува укинување на мерката притвор на Пецов, односно требало да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје.
Поранешниот државен правобранител пред неколку месеци поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.
Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми. Тие беа осомничени, а потоа и обвинети дека создале шема за даночно затајување. Според истрагата, тие преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.
Во случајот, Пецов заедно со Стојан Чифлигароски, кој сè уште е во бегство, се гонат како организатори на групата која вршела даночни затајувања. Дополнително, според истрагата, токму фирмата на Пецов, „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ изготвувала фактури за фиктивни услуги и со тоа го намалувала ДДВ што требало да го плати.
