Што се однесува до улогата на таткото на Вања, за кого е поднесено обвинение за помагање при грабнување, материјалните докази кои биле обезбедени соодветствуваат на вербалните искази на останатите обвинети и затоа мислењето на државниот јавен обвинител Коцевски е дека имаат фактичка состојба која е целосно утврдена
Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сè уште не бил на распит бидејќи во моментот се вештачат предметите што ги донел со себе од Турција, а за кои проценката на предметниот јавен обвинител е дека може да бидат корисни за истрагата, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Тој вели дека откако ќе се соберат овие докази, ќе следува обвинение и за Палевски, а оваа постапка подоцна ќе може да се спои со постапката која ќе се води за четири други лица кои се обвинети за соучесништво во убиствата и грабнувањето.
Прашан зошто во соопштението од ОЈО Скопје од петокот за обвинителниот акт против четири лица, од една страна, се вели дека обвинетите „испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп“, но потоа не се објаснува зошто не останале на тој план, туку многу брзо по грабнувањето го убиле девојчето, Коцевски одговара дека мотивот е јасен, но дека известувањето е срочено така за да не се предизвика вознемирување кај јавноста.
„Во актот, описот на дејствијата е јасно даден и основата по која се товарат обвинетите е јасно определена. Во однос на мотивот, тој е јасно наведен, а во однос на други подробности, од причините претходно изнесени, не сакам да ги коментирам бидејќи се работи за дете кое е убиено на свиреп начин, а тоа е страдање претходно“,
изјави државниот обвинител.

360°: Дали освен искази од обвинетите имате и материјални докази дека Љупчо Палевски лично ги извршил двете убиства?
Коцевски: Јавното обвинителство располага со сите докази и врз основа на нив поднесе обвинителен акт, што значи дека има и материјални докази и обдукција и вештачење.
360°: Дали Палевски е убиецот?
Коцевски: Од она што стои во обвинителниот акт (од петокот против четири лица, н.з.), сите се товарат за соизвршители, а повторно ќе кажам, на крај, кога ќе се покрене обвинение за Палевски, ќе се знае сè што се случувало.
360°: Дали е пронајдено оружјето со кое се извршени убиствата?
Коцевски: Во однос на оружјето, непобитно е дека се работи за убиство со пиштол, затоа што се работи за калибар 9 мм, тоа е докажано, а за останатото не можам да кажам.
Што се однесува до улогата на таткото на Вања, за кого е поднесено обвинение за помагање при грабнување, материјалните докази кои биле обезбедени соодветствуваат на вербалните искази на останатите обвинети и затоа мислењето на Коцевски е дека како обвинителство имаат чиста теорија на случај, фактичка состојба која е целосно утврдена и тој не се сомнева во исходот и во процесот на докажување на делото.