Трамп вчера изјави дека САД ќе воведат царини на увозот од Бразил од 1 август, делумно како одговор на тековното гонење на поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека неговата земја ќе одговори реципрочно на новонајавените царини од 50 проценти наметнати од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Тој се повика на неодамна усвоен бразилски закон кој ѝ дозволува на владата да преземе пропорционални контрамерки, пренесе Си-ен-би-си.
Трамп вчера изјави дека САД ќе воведат царини на увозот од Бразил од 1 август, делумно како одговор на тековното гонење на поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро.
Во писмото, Трамп наведе дека новата стапка – огромно зголемување во однос на 10-процентната царина што САД ја наметнаа на увозот од Бразил на почетокот на април – е исто така одговор на многу неправедните трговски односи меѓу двете земји.
Писмото до Да Силва следеше по писмата што Трамп неодамна ги испрати до други светски лидери, диктирајќи нови високи царински стапки на стоките што ги продаваат на САД.
Меѓутоа, писмото до Бразил оди подалеку од останатите, наметнувајќи нова царинска стапка на увозот во САД експлицитно како казна за земја која се занимава со внатрешни политички и правни прашања кои Трамп не ги одобрува.
Да Силва одговори на писмото, велејќи дека Бразил ќе одговори на царините во согласност со новоусвоениот закон за економска реципрочност.
„Бразил е суверена држава со независни институции која нема да прифати да биде поучувана од никого“,
напиша Да Силва, цитиран од Си-ен-би-си.
Вредноста на бразилската валута, реалот, падна за повеќе од два проценти во однос на американскиот долар по изјавата на Трамп.
Трамп и претходно упатуваше забелешки кон Бразил поради нејзиниот однос кон Болсонаро, гласен сојузник на американскиот претседател, кој е изведен пред суд поради неговата улога во наводен пуч чија цел беше да се поништи неговиот изборен пораз во 2022 година.
Трамп во писмото што јавно го сподели во објава на социјалната мрежа Трут сошал го осуди процесот против Болсонаро како лов на вештерки, повторувајќи го наративот што го користи за да ги опише бројните криминални истраги со кои се соочи пред да победи на претседателските избори во САД во 2024 година.
Трамп, исто така, изјави дека трговските политики на Бразил предизвикале неодржливи трговски дефицити во однос на Соединетите Држави, кои ја загрозуваат американската економија и национална безбедност.
Но, Соединетите Држави имаат суфицит во трговијата со стоки со Бразил, кој изнесува 7,4 милијарди долари во 2024 година, покажуваат податоците на Канцеларијата на трговскиот претставник на САД.
Во својот одговор, Да Силва, тврдењето на Трамп за трговски дефицит го нарекува неточно, повикувајќи се на податоци од американската влада.
Трамп, исто така, напиша дека САД почнуваат истрага за потенцијални нефер трговски практики од страна на Бразил. Тој изјави дека оваа проверка се заснова на тековните напади на Бразил врз активностите на американските компании во областа на дигиталната трговија.
Делови од писмото до Лула се совпаѓаат со формулацијата во 21 писмо за царини што Трамп ги испрати до други светски лидери од понеделникот наваму.
Царините за овие 21 земја се движат од 20 до 40 проценти. Сите тие треба да стапат во сила на 1 август, а Трамп инсистираше дека нема да бидат дадени продолжувања на крајниот рок.