Лукашенко, кој е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, е на власт во земјата од 1994 година. Седумдесетгодишниот Лукашенко, кој е поранешен раководител на колективна фарма, се соочи со масовни протести против неговото владеење во 2020 година, но успеа да ги потисне и да се одржи на власт
Александар Лукашенко денеска по седми пат ќе ја преземе функцијата претседател на Белорусија, јавија руските медиуми.
Претседателските избори во Белорусија се одржаа на 26 јануари.
Церемонијата на инаугурација на Лукашенко ќе се одржи во Палатата на независноста во Минск и ќе започне во 12 часот по локално време.
На церемонијата претседателот на белоруската Централна изборна комисија Игор Карпенко ќе ги објави официјалните резултати од претседателските избори, а Лукашенко ќе положи заклетва врз Уставот на Белорусија.
Со церемонијата на инаугурација ќе започне и новиот петгодишен мандат на белорускиот лидер.
Со оглед на тоа што опозициските политичари се или во егзил или се затворени, а четворица алтернативни кандидати се сметаа за статисти одобрени од државата на наместени избори, се очекуваше Лукашенко да освои уште еден петгодишен претседателски мандат.
Лукашенко, кој е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, е на власт во земјата од 1994 година.
Седумдесетгодишниот Лукашенко, кој е поранешен раководител на колективна фарма, се соочи со масовни протести против неговото владеење во 2020 година, но успеа да ги потисне и да се одржи на власт.
Две години подоцна тој ѝ дозволи на Москва да ја користи белоруската територија за да ја нападне Украина.
По демонстрациите во 2020 година, десетици илјади Белоруси избегаа од земјата, а дел од политичките противници на Лукашенко сè уште се наоѓаат во затвор.
Повеќето луѓе во Белорусија имаат само далечни спомени од животот во земјата пред Лукашенко, кој имаше 39 години кога победи на првите национални избори во Белорусија откако таа стекна независност од Советскиот Сојуз.
Наративот на властите во Минск преку кој Лукашенко се одржува на позицијата последните години е дека тој гарантира мир и ред во Белорусија, додека оние кои ги поттикнале протестите во 2020 сакаат да внесат хаос.
Обединетите нации проценуваат дека 300 000 Белоруси ја напуштиле земјата од 2020 година, заминувајќи главно во Полска и во Литванија. Тие не можеа да гласаат на изборите, бидејќи Белорусија го укина гласањето од странство.
Познат како „последниот диктатор на Европа“, прекар што тој го усвои, Лукашенко задржа голем дел од традициите и инфраструктурата на Советскиот Сојуз, со економија главно планирана од државата.
Лукашенко го укина белоруското бело-црвено-бело знаме во 1990-тите, кое оттогаш стана симбол на опозицијата.