Вкупно 5 537 граѓани го донирале повратот на ДДВ што државата им го враќа преку апликацијата „Мој ДДВ“. Донациите беа овозможени како опција од минатата година за време на ковид-кризата, а донираните пари завршуваат во здравствениот сектор.
„Со законски измени на корисниците на ‘МојДДВ’ им понудивме опција за донирање и горда сум што дел ја искористија, со што 5 537 граѓани својот поврат на ДДВ го донираа во здравствениот сектор во износ од 5,8 милиони денари“,
рече Лукаревска на денешната прес-конференција.
Лукаревска информираше дека по две години откако се воведе апликацијата „МојДДВ“ сега ја користат околу 400 илјади граѓани, а ова значително придонесувало за намалување на сивата економија.
Според неа, по завршувањето на најголемиот бран од ковид-кризата, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе голем број контроли кај даночните обврзници за неиздавање фискални сметки на територијата на целата држава и изрече повеќе од 400 глоби.
„Уште првата година по воведувањето на апликацијата ‘МојДДВ’ за граѓаните имавме огромен број пријави за неиздавање на фискални сметки кои одеа преку анонимни пријави од страна на граѓаните во канцелариите на Управата, преку линијата 198 и на јавни социјални медиуми. Врз основа на тоа сме постапиле насекаде. Направени се огромен број акции и контроли“,
рече Лукаревска на денешната прес-конференција.