Ураганот Ида се приближува кон Луизијана, која треба да биде погодена од најсилниот ураган уште од 19 век.
„Жителите на Луизијана имаат време до вечерва да се подготват за ураганот Ида. Ова ќе биде најсилниот ураган од 1850 година. Мора наскоро да се евакуирате. Брзо се приближува. И, како што реков вчера, кога ќе легнете вечерва, бидете подготвени таму каде што сте да се справите со бурата“,
препорача вчера гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс.
Ветрови од силната тропска бура помеѓу 60 и 120 км/ч дуваа вчера во близина на брегот на Луизијана, извести Националната метеоролошка служба и ги повика жителите кои сакаат да се евакуираат да го сторат тоа што е можно поскоро.
Најголемиот дел од невремето ја премина западна Куба во саботата, каде што Ида ќе продолжи да носи облини врнежи, што може да предизвика поплави и лизгање на земјиштето, предупреди Американскиот центар за урагани (NHC).
Денеска бреговите на Луизијана и Мисисипи би можеле да бидат погодени од „поплави поради опасно силни плими“, предупредува центарот, со можно нанесување катастрофални штети од ветерот.
Најновите информации од NHC предвидуваат дека Ида, пред да стигне до копно, ќе прерасне од категорија 4 во 5, со ветрови посилни од 200 км/ч.
Градоначалникот на Њу Орлеанс, Латоја Кантрел, вчера им препорача на жителите доброволно да се евакуираат.
„Времето не е на наша страна. Силината на ураганот забрзано се зголемува. Ако доброволно го напуштате градот, сега е време да го сторите тоа. Веднаш евакуирајте се“,
рече таа вчера.
Претседателот Џо Бајден прогласи вонредна состојба во Луизијана за да обезбеди федерална помош за подготовка за ударот на ураганот, а даде и наредба за доброволна и задолжителна евакуација во некои области.
На брегот на Пацификот, пак, бурата Нора, која се претвори во ураган преку ноќта, се очекува да го погоди копното во мексиканските држави Халиско и Најарит.
Се очекува Нора да се движи по мексиканскиот брег и да се поместува кон север, со обилни дождови кои може да предизвикаат поплави и лизгање на земјиштето, предупредува NHC.