Екрем Имамоглу, кого истражителите почнаа да го испрашуваат во петокот попладне, требаше да биде именуван за кандидат на ЦХП за претседателските избори во недела. Но, во вторникот вечерта му беше одземена универзитетската диплома, неколку часа пред да биде уапсен. Турскиот устав предвидува дека кандидатот за претседател мора да има високо образование

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција нема да потклекне пред „уличниот терор“ на третиот ден од протестите што избија поради апсењето на опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, под обвинение за тероризам и корупција.
„Турција нема да потклекне пред уличниот терор. Нема да толерираме никакво нарушување на јавниот ред“,
рече Ердоган оценувајќи дека протестите што ги свика опозицијата ќе завршат во ќор-сокак.
Озгур Озел, лидер на Републиканската народна партија (ЦХП, социјалдемократи), најголемата опозициска партија во земјата, на која ѝ припаѓа Имамоглу, ги повика Турците да излезат на улица во петок во 20:30 часот по локално време, и покрај предупредувањата од властите.
„Отсега никој не треба да очекува ЦХП да води политика во сали или згради. Отсега ние сме на улиците и на плоштадите“,
рече Озел во четвртокот вечерта пред градското собрание на Истанбул, каде што илјадници луѓе се собраа втор ден по ред во поддршка на Имамоглу, главниот ривал на Ердоган.
Два моста и неколку главни патишта кои водат до Градското собрание беа затворени за сообраќај 24 часа во петокот.
Протести се одржуваат од средата во најмалку 32 од 81 провинција во Турција, според АФП.
Министерот за правда Јилмаз Тунч ги опиша повторените повици на опозицијата за протести како „нелегални и неприфатливи“.
Ваков бран протести во Турција не се памети од големите протести во 2013 година кои започнаа од плоштадот Таксим.
Екрем Имамоглу, кого истражителите почнаа да го испрашуваат во петокот попладне, требаше да биде именуван за кандидат на ЦХП за претседателските избори во недела.
Но, во вторникот вечерта му беше одземена универзитетската диплома, неколку часа пред да биде уапсен. Турскиот устав предвидува дека кандидатот за претседател мора да има високо образование.
Имамоглу беше реизбран за градоначалник на Истанбул во 2024 година, откако го одзеде градот од владејачката АКП (Партија на правдата и развојот) во 2019 година.