Дирекција за безбедност на класифицирани информации или скратено ДБКИ. Ова е институцијата надлежна за заштита на тајни информации и нивна размена со НАТО и Европската Унија, а ги издава и т.н. безбедносни сертификати – документи со кои одредени лица добиваат пристап до тајните информации на државата, НАТО или ЕУ.
„Самите безбедносни проверки за тоа дали некое лице претставува или не безбедносен ризик ги вршат надлежните служби. Кај нас тоа е Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за сите цивилни лица, додека Армијата односно Воената службa за безбедност и разузнавање за вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија. Тоа се два оперативни органи кои на наше барање ги вршат проверките, а ние сме тие кои пред НАТО гарантираме за одредено лице дека не претставува безбедносен ризик односно дека се извршени безбедносните проверки“,
вели Стојан Славевски – директор на ДБКИ
Со членството на земјава во НАТО, во март 2020 година, дејноста на ДБКИ остана иста, но доби поинаква димензија – при проценката на безбедносниот ризик за одредено лице што треба да има пристап до документите на Алијансата, зелено светло за издавање безбедносен сертификат треба да даде и НАТО.
„И НАТО е вклучен во самиот тој процес и му дава секако една тежина на процесот посебно во случаи кога има одреден безбедносен ризик и донесуваме решенија за одбивање на барањето за издавање безбедносен сертификат. НАТО многу ни помогна и во самиот процес на едукација на луѓето во безбедносните служби – како да ги вршат проверките, што сѐ опфаќа една безбедносна проверка, како непристрасно, професионално да се вршат тие проверки“,
смета тој.
Токму затоа во овој процес е вклучен кадар кој треба да има личен интегритет, познавања од безбедносната сфера, а треба да поседува и безбедносен сертификат. Со ова, ризикот за оддавање тајни информации треба да се сведе на минимум.
Да се создаде ваков кадар, пак, е комплициран и долготраен процес. Дополнително, ДБКИ се соочува и со негов одлив во Агенцијата за разузнавање, ОТА, АНБ. Причината е што вработените во Дирекцијата се административни службеници, за разлика од оние во институциите од безбедносно-разузнавачката заедница.
„Нашиот статус е како дел од администрација. Во овие други институции вработените имаат подобар статус, повисоки плати, одредени други бенефиции. Нормално е ако им се понудат подобри услови за работа луѓето да си заминуваат“,
вели Славевски.
За Агенцијата за разузнавање, ОТА и АНБ има посебни закони, додека ДБКИ е регулирана со Законот за класифицирани информации, а работниот однос на вработените со Законот за административни службеници.
Затоа, Славевски смета дека е потребно да се подигне статусот на самата Дирекција и на нејзините вработени.
„Во таа смисла веќе правиме одредени анализи со коишто верувам дека би можеле дo средината на оваа година да излеземе и во јавноста и да ги презентираме и потоа доколку тие бидат издржани и има политичка волја можеме во втората половина на годината и да предложиме одредени законски измени со коишто би ги коригирале овие работи коишто претставуваат проблем во функционирањето“,
вели тој.
Академската заедница има разбирање за проблемот со кој се соочува Дирекцијата. Универзитетската професорка Александра Деаноска-Трендафилова смета дека во следните фази од реформата во оваа сфера треба да се одговори на предизвикот со одливот на кадри од ДБКИ.
„Загубата на кадри кои имаат високо ниво на познавање на ваква специфична и сензитивна проблематика, надградено со практично искуство, не може брзо да се надомести со евентуални нови вработувања на местата на вработените кои ја напуштиле институцијата. Тоа, дефинитивно, би се одразило на ефикасноста на работењето на ДБКИ како клучна и централна институција во системот на заштита на класифицираните информации“,
смета Деаноска-Трендафилова.
Професорот Оливер Бакрески, пак, смета дека „создавачите на информации“, алудирајќи на вработените во безбедносно-разузнавачките институции, се во подобра позиција од вработените во Дирекцијата кои, условно, се „чадор на информациите“.
„Само општествено активен однос и поголемо разбирање за специфичната и променлива амплитуда на работата на вработените во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе придонесе реално да се согледа потребата за еден ваков исчекор, а од друга страна, тоа ќе значи дека е обезбеден потребниот баланс меѓу безбедносните субјекти, но и до израз ќе дојде специфичната и комплексна безбедносна природа на работата и работењето на ДБКИ“,
смета Бакрески.
Идејата за промени во статусот на Дирекцијата и вработените наидува на поддршка кај министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Сметам дека досега се во една неправедна позиција во однос на нивните колеги од останатите агенции и да, апсолутно, треба да работиме и веќе започнуваме да размислуваме за операционализација на таа идеја за подобрување на нивниот статус“,
вели Петровска.
Како би се извело тоа?
„Би се рализирала преку законски измени без разлика дали би било тоа во постојниот закон или ќе се донесе нов закон кој ќе ги регулира правата, обрски и должностите на вработените во оваа Дирекција. Но, апсолутно ја оправдувам и ја поддржувам потребата од посебно регулирање на нивната положба во системот и апсолутно сметам дека како дел од безбедносно-разузнавачката заедница, можеби не со директни надлежности какви што ги имаат останатите агенции но сепак тие се дел од безбедносната заедница на некој свој начин затоа што начинот на класифицирање, чување и управување со класифицираните информации што е во суштина една од основите на работењето на безбедносно-разузнавачката заедница се наоѓа токму кај нив“,
додава таа.
Полската експертка за безбедност Агњешка Гоголевска го пренесува своето мислење за статусот на службениците што работат со класифицирани информации.
„Да, има одреден ризик затоа што ако згрешат казната е поголема отколку на други работни места. Можеби малку поголема плата или одреден додаток поради поголемиот ризик би бил одговорот. Да им се даде целиот комплициран систем на социјални бенефиции или посебна заштита, веројатно и бенефициран стаж кој често доаѓа со работните позиции во безбедносните агенции, мислам дека би ја преминало границата“,
смета Гоголевска.
Директорот Славевски, како пример од регионот, ја наведува Хрватска и смета дека треба да се следи нејзиното искуство.
„Затоа што таму статусот на нивната служба, ја викаат „Уред вјеќа за национална безбедност“ е регулирано со статусот… Истиот статус таму вработените го имаат како и нивните безбедносни и разузнавачки служби, значи таму со еден закон е регулиран статусот на вработените и на сите овие безбедносно-разузнавачки служби и самиот „уред“ е дел од таа безбедносна заедница“,
смета тој.
Додека се чека на законски измени, останува „чадорот на информациите“ да издржи, без да протече.