„Масовен глад значи гладување на голем дел од населението. А голем дел од населението на Газа гладува. Не знам како би го нарекле поинаку освен масовно гладување. И тоа е предизвикано од човек, и тоа е многу јасно“, реагира шефот на СЗО

Палестинците во Газа страдаат од „масовен глад“ поради блокадата на помошта на енклавата, предупреди генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус.
„Родителите ни кажуваат дека нивните деца плачат додека не заспијат од глад“,
рече Гебрејсус.
Неговиот одговор беше недвосмислен кога беше прашан дали се согласува со изјавата оваа недела од над 100 хуманитарни организации за помош дека Газа доживува „масовен глад“.
„Масовен глад значи гладување на голем дел од населението. А голем дел од населението на Газа гладува. Не знам како би го нарекле поинаку освен масовно гладување. И тоа е предизвикано од човек и тоа е многу јасно. Ова е поради блокадата“,
рече генералниот директор на СЗО.
Шефот на СЗО посочи на извештајот на ОН од оваа недела во кој се наведува дека над 1.000 Палестинци се убиени барајќи помош од крајот на мај, стотици од нив на локации управувани од израелската и американската хуманитарна фондација за Газа.
Организацијата во изјава за Си-Ен-Ен изјави дека статистиката на ОН е „лажна и претерана“.
Израелските власти пак, го обвинија Хамас за секое гладување во Појасот Газа.
Повеќе од 100 хуманитарни организации и групи за човекови права апелираа до владите да преземат мерки. Тие бараат итен и траен прекин на огнот и укинување на сите ограничувања за протокот на хуманитарна помош.
Во соопштение потпишано од 111 организации се предупредува дека масовен глад се шири низ енклавата додека тони храна, чиста вода, медицински материјали и други производи стојат надвор од Газа бидејќи на хуманитарните организации им е блокиран пристапот до нив и не можат да ги достават.
Првпат откако започна војната, палестинските власти велат дека десетици луѓе сега умираат и од глад. Во Газа се исцрпени залихите на храна откако Израел ги прекина сите испораки во март, а потоа во мај воведе нови мерки за кои вели дека се потребни за да се спречи пренасочување на помошта кон милитантните групи.