„Убиства имало и ќе има, фрлање бомби имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“, вели министерот

Лошо е тоа што криминалните банди си „хараат“ и го нарушуваат мирот на македонските граѓани, но МВР ќе одговори одлучно и сурово, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со денешната експлозија во двор во скопската населба Ќерамидница.
Во експлозијата, како што пренесуваат дел од медиумите, повредениот е Раде Трајковски-Штекли, кој минатата година во период од два месеци беше цел на напади во трговскиот центар „Ист гејт“.
Тошковски на новинарско прашање во кое беше беше спомнато името на Штекли не негираше дека станува збор за него.
Тој рече дека е добро тоа што во случајот никој не е животно загрозен.
Тошковски вели дека јасно и одлучно ќе се борат против криминалот и против организираниот криминал.
„Убиства имало и ќе има, фрлање бомби имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“,
рече министерот.
На прашањето дали полицијата можела да им влезе во траг на напаѓачите, со оглед на тоа што денешниот напад со видео и со анимација бил најавен на социјалната мрежа Тик-ток, Тошковски велејќи дека во одговорот ќе биде целосно искрен рече дека МВР не може да направи чуда, но дека ќе постапи во рамките на капацитетите што ги има.
„МВР не може да направи чуда, но може да работи чесно, посветено и професионално и во рамки на сето она што е надлежност на Министерството, согласно капацитетите што ги имаме, ќе постапиме. Нема да се мижи како што се мижело претходно“,
рече тој.
За експлозијата во Ќерамидница денеска информираа од МВР дека се случила во 9:20 часот и дека има едно повредено лице без да ги откријат неговите иницијали.
Повредениот, како што рече Небојша Настов, директор на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во изјава за „360 степени“, е надвор од животна опасност, има изгореници и оти се вршат дополнителни испитувања.
По експлозијата екипа на „360 степени“ беше во Ќерамидница каде што низ тесните улици во населбата затекна големо полициско присуство, а движењето во околината беше ограничено.
Минувачите и жителите од околните куќи не сакаа да коментираат во врска со експлозијата.