Мицкоски додаде дека Менкиноски не е криминалец, туку чесен граѓанин чија единствена „вина“ е правното застапување на правата на Македонците во Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски упати осуда за забраната за влез во Бугарија на адвокатот Тони Менкиноски. Тој доби „црн печат“ од страна на бугарската гранична полиција со кој му се забранува влез во земјата до 2036 година.
Мицкоски истакна дека веќе разговарал со Менкиноски и дека е детално запознаен со случајот, кој го оцени како „бескрупулозен“.
Според Мицкоски, доколку Европската Унија не излезе со осуда за ваквото однесување, тоа директно ќе наштети на нејзиниот углед.
Премиерот потсети дека ова не е првпат „источниот сосед“ да ги гази основните права, посочувајќи на бројните неисполнети пресуди од Судот во Стразбур.
„Јавно го осудувам тоа што се случува. Тоа е лоша порака и лоша порака за самата Европска Унија и очекувам дел од земјите членки на ЕУ да го осудат ваквото однесување на нашиот источен сосед бидејќи нема да биде првпат нашиот источен сосед да ги крши човековите права, тоа веќе го направи неколкупати досега, откако не ги примени пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур“,
рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Менкиноски не е криминалец, туку чесен граѓанин чија единствена „вина“ е правното застапување на правата на Македонците во Бугарија.
„Тоа е единствениот грев и затоа добива црн печат. Навистина бескрупулозно и заслужува целосна осуда, и тоа директно влијае врз имиџот на самата Европска Унија, доколку ЕУ не излезе со осуда на ваквото однесување“,
изјави Мицкоски.
Вчера и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека е многу загрижен и негативно изненаден од тоа како земја членка на Европската Унија се однесува со наш граѓанин, кој имал една и единствена цел – да штити права на група граѓани пред европските институции.
За потсетување, адвокатот Менкиноски во саботата на прес-конференција информираше дека ден претходно добил десетгодишна забрана за влез во Бугарија. Менкиноски рече оти добил официјален документ во кој пишува дека наводно тој претставува закана за националната безбедност на Бугарија.
Менкиноски вчера рече дека постојат повеќе механизми за оспорување на оваа одлука, и тоа пред Советот на Европа и Обединетите нации. Рече дека од Обединетите нации очекува силна реакција во врска со случајот, за кој се информирани и организациите „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешнал“, како и властите во земјава.
Адвокатот Менкиноски, кој инаку ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, вели дека Бугарија е во паника бидејќи може да се донесе одлука за нејзино исклучување од Советот на Европа поради непочитување на одлуките на Судот за човекови права во Стразбур.
