Британскиот министер за одбрана Бен Волас рече дека Русија станува сè поочајна бидејќи, како што тврди, нападот на Украина не се одвива добро за руските сили.
Тој тврди дека најголеми жртви се токму руските војници. Тие, како што вели Волас, „биле изневерени од ужасното раководство и плановите“, па сега „гледаме како умираат во голем број“.
Но, Волас исто така пренесува дека треба да се види дали Москва ќе ги признае големите загуби кои ги спомена. Тој истакна и дека на Русите големи проблеми им создаваат логистичките прашања.
Волас за војната во Украина зборуваше и за „Тајмс радио“, каде што рече дека Путин е „истрошена сила“.
„Што и да се случи Путин е истрошена сила во светот. Готов е, неговата војска е готова и тој мора да го сфати тоа. Путин ќе предизвика голема економска штета за својот народ“,
заклучи британскиот министер за одбрана во излагањето.
