На прашање од Би-би-си дали е загрижена дека Израел ќе ја искористи декларацијата како изговор за анексија за делови од Западниот Брег, шефицата на британската дипломатија вели дека јасно му ставила до знаење на својот израелски колега дека тој и неговата влада не смеат да го сторат тоа
Министерската за надворешни работи на Велика Британија, Ивет Купер, изјави дека го предупредила Израел да не презема чекори за анексија на делови од Западниот Брег како одмазда за признавањето палестинска држава од страна на Лондон.

Изјавата на Купер дадена за британскиот национален сервис Би-би-си доаѓа пред денешната конференција во Обединетите нации (ОН) во Њујорк, на која ќе присуствува таа, и на која се очекува Франција и други држави да соопштат дека формално ја признаваат палестинската државност.
Британскиот премиер Кир Стармер вчера официјално објави дека Лондон признава палестинска држава, а истото, во координирани изјави го сторија и Канада, Австралија и Португалија.
Ваквите потези наидоа на жестока реакција од владата во Тел Авив, чиј премиер Бенјамин Нетанјаху ги оцени, како што кажа, огромна награда за тероризмот.
На прашање од Би-би-си дали е загрижена дека Израел ќе ја искористи декларацијата како изговор за анкесија за делови од Западниот Брег, шефицата на британската дипломатија рече дека јасно му ставила до знаење на својот израелски колега дека тој и неговата влада не смеат да го сторат тоа.
„Јасно ставивме до знаење дека оваа одлука што ја донесовме е најдобриот начин да се почитува безбедноста на Израел, како и безбедноста на Палестинците. Станува збор за заштита на мирот и правдата и, што е клучно, безбедноста на Блискиот Исток и ние ќе ја продолжиме соработката со сите во регионот за да можеме да го сториме тоа“,
вели Купер.
Таа посочи дека екстремисти од двете страни се обидуваат да нарушат секаква перспектива за решение со две држави, кое Велика Британија, како што вели министерката, има морална обврска да го оживее.
Лесната работа што можеме да ја направиме е едноставно да се повлече и да кажеме: Добро, премногу е тешко. Но, сметаме дека тоа е погрешно во ситуација во која гледаме такво уништување, такво страдање. Исто како што го признаваме Израел, државата Израел… така мора да ги признаеме и правата на Палестинците на сопствена држава“,
рече шефицата на британската дипломатија.
Во разговорот за Би-би-си таа не кажа кога Генералниот конзулат на Велика Британија во Источен Ерусалим ќе добие статус на амбасада, наведувајќи дека конзулатот ќе продолжи со работа додека не започне дипломатскиот процес со палестинската власт.
Британската министерка за надворешни работи изјавата за Би-би-си ја даде во Њујорк, каде неделава се одржува Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).

Претходно од Министерството за надворешни работи на Велика Британија соопштија дека Купер ќе се залага за меѓународен консензус за градење рамка за мир на Блискиот Исток.
Инаку, неколку земји планираат формално да ја признаат палестинската држава за време на денешната Конференција на ОН во Њујорк, што се организира пред годишниот собир на светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации, пишува ДПА.
Најавите за признавање на палестинската држава на Генералното собрание на ОН, францускиот претседател Емануел Макрон ги објави во јули годинава. Одлуката, рече тој, е дел од сеопфатен мировен план насочен кон промовирање на решение за две држави.
Министерот за надворешни работи на Белгија, Максим Прево, на почетокот на месецов објави на дека неговата земја ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН. Овој потег беше направен како одговор на хуманитарната криза во Газа и е дел од координиран меѓународен напор со други нации.
Покрај Франција, Белгија и Нов Зеланд објави планови за признавање на Палестина и покрај жестокото противење на Израел.
На конференцијата копретседатели се Франција и Саудиска Арабија, но саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман не присуствува, за разлика од францускиот претседател Емануел Макрон.