Мицкоски повтори дека во рамки на првичниот проект, најнапред ќе се работи на болничките центри во Штип и Тетово, како и на Медицинскиот факултет и Домот во Штип, и на Здравствениот дом во Кичево

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека веднаш по завршувањето на локалните избори, Владата ќе распише јавен повик за финансиски институции за реализација на проектот за клиничките центри и болниците, поврзано со договорот со Обединетото Кралство. Потоа, како што најави, ќе се пристапи кон плановите за изградба на нов Клинички центар во Скопје.
Мицкоски ова го истакна за време на посетата на Градската општа болница „8 Септември“.
„Да завршат локалниве избори, па да се распише јавен повик за финансиски институции за клиничките центри и болниците поврзано со договорот со Обединетото Кралство. Тоа да заживее и следно е големиот клинички центар“,
рече Мицкоски.
Тој потврди дека една од опциите за локација на новиот голем клинички центар е токму сегашната Градска болница „8 Септември“.
„Ова навистина овде делува како одлична можност и како одлична локација – три булевари, гасна поврзаност, сообраќајна поврзаност, така што, ајде да видиме, да оставиме експертите да си го кажат своето мислење“,
изјави премиерот.
Мицкоски повтори дека во рамките на првичниот проект најнапред ќе се работи на болничките центри во Штип и во Тетово, како и на Медицинскиот факултет и Домот во Штип, и на Здравствениот дом во Кичево.
„Тоа е во овој прв чекор и после да видиме како ќе се движат работите и може да зборуваме за еден голем клинички центар. Мислиме дека е време да почнеме да размислуваме“,
рече тој.
