На угостителскиот објект „Мош“, во кој изминатиот викенд имаше концерт и каде што во два наврата беше направена контрола од инспектори од Државниот пазарен инспекторат, денеска му е испратена кривичната пријава и има рок од 48 часа да го испразни објектот.
Директорот на ДПИ, Стојко Пауновски, на заедничката прес-конференција во Владата рече дека за кафулето е поднесено решение за затворање поради пречекорување на работното време, а во вториот случај за непочитување на протоколите, за што има и кривична пријава.
Решението е доставено и предметот ќе биде затворен. Локалот има 48 часа да ги извади сите материјали и стоки кои се расипливи за да не дојде до поголема штета.
Пауновски тврди дека инспекторатот со кој раководи и во овој случај и во сите претходни постапувал неселективно.
„Токму затоа се измените во законските решенија за ДПИ и полицијата, за да можат, не само да направат записник туку правниот субјект да може да биде испразнет, да не се пренесува зараза и да добие решение за затворање и парична казна. Со поднесувањето на кривичните пријави видовме дека има направено многу пропусти“,
вели Пауновски.