На пожарот, како што се додава во објавата, интервенирале околу 70 пожарникари со десет противпожарни возила

Со координирана акција успешно е локализиран пожарот во трафостаница во западен Лондон и спречено е негово понатамошно ширење, велат од противпожарната служба на Лондон во објава на нивната веб-страница.
На пожарот, како што се додава во објавата, интервенирале околу 70 пожарникари со десет противпожарни возила.
Помошник-комесарот Пат Гулбурн вели дека пожарникарите ќе останат на местото на настанот во текот на денот.
„Нема извештаи за повредени. Пожарникарите безбедно евакуираа 29 лица од соседните имоти, а како мерка на претпазливост беше воспоставен кордон од 200 метри, при што се евакуирани околу 150 лица“,
додава тој.
Тој упатува совет до локалните жители да ги држат затворени прозорците и вратите бидејќи дел од чад ќе остане уште неколку часа.
Пожарот што изби во трафостаница во западен Лондон предизвика масовен прекин на електричната енергија и без струја остави повеќе од 16 300 домаќинства.
Пожарникарите биле повикани во 23:23 часот, а пожарот е ставен под контрола во 6:28 часот.
Поради големиот прекин на електричната енергија, аеродромот „Хитроу“, најголемиот аеродром во Обединетото Кралство, ќе биде затворен до полноќ во петок, што веројатно ќе влијае на стотици летови и илјадници патници.
„За да ја одржиме безбедноста на нашите патници и колеги, ’Хитроу’ ќе биде затворен до 23:59 часот на 21 март“,
објавија од аеродромот на Икс и додаде дека на патниците им се препорачува да не доаѓаат на аеродромот.