Или држава за сите или за никој – вели ексминистерот и потпретседател на Алијанса за Албанците во реакцијата за денешниот настан во Собранието
Ексминистерот за правда и актуелен потпретседател на Алијанса за Албанците (АА), Кренар Лога, денеска изрази поддршка за настанот во Собранието на кој беше одбележан Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница, чиј сегмент на изведување верски обред – молитва – го осудија дел од останатите политички партии.

Лога оценува оти меѓу различните заедници може да се создадат тензии и чувство на нееднаквост кога државата, како што вели, презема чекори за интегрирање на верски симболи од специфична заедница.
„Досега нашите сограѓани Македонци и православни не оставија ниту еден објект од ‘Скопје 2014’ без бисти на верски светци, на државни згради, дури и по мостови и крстосници. Го именуваа Аеродромот во Охрид со верско име, и тоа ‘Свети Апостол Павле II’. На секој камен-темелник има по еден свештеник, а сега се жалат зошто била направена муслиманска молитва во Собранието. Или држава за сите или за никој“,
пишува Лога во објавата на Фејсбук.
Една од модераторките на денешниот настан во Собранието на кој се одбележа Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, Мерсиха Смаиловиќ од организација „Диванхана“, рече дека молитвата која ја изведоа сите модератори на настанот, меѓу кои и собранискиот претседател Африм Гаши, рече дека е гест на почит, а не религиозен ритуал. За собирот кажа дека е настан, а не седница на Собранието.