Лога, кој е во дводневна официјална посета на Анкара, му се заблагодарил на Тунч за нивната брза реакција и апсењето на Палевски. Тој, како што соопштија од Правда, посочил дека тоа e добар знак за општеството – да се казнат оние што извршиле злосторство
Постапката за екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, била една од темите на кои денеска разговарале турскиот министер за правда Јилмаз Тунч и неговиот македонски колега Кренар Лога, кој е во официјална посета на Анкара.
Како што соопштија попладнево од Правда, министерот Лога од својот турски колега бил информиран дека во тек се административните процедури од постапката и дека по нивното завршување може да се очекува Палевски да биде екстрадиран во државава.
„Министерот за правда Кренар Лога беше информиран од турскиот колега дека судскиот процес за Палевски е завршен и се очекува да завршат и административните процедури. По завршувањето на административниот дел се очекува Палевски да биде екстрадиран во нашата држава“,
се наведува во соопштението на Министерството за правда.
Лога, како што се додава, му се заблагодарил на Тунч за нивната брза реакција и апсењето на Палевски. Тој посочил дека тоа е добар знак за општеството – да се казнат оние што извршиле злосторство.
Од Правда исто така соопштија дека двајцата министри разговарале и и за реформите во правосудниот систем во земјава, информатичката технологија и продлабочувањето на соработката помеѓу институциите на двете пријателски земји.
„Се дискутираше за големите реформи во правосудниот систем кои се предвидени во развојната Стратегија (2024-2028), измени на законот за судски совет, измени на законот за Јавно обвинителство, нов закон за помилување кој е во собраниска постапка како и за законот за извршување на санкции“,
се вели во соопштението од Министерството за правда.
На средбата било договорено заедно со министерот Тунч, во Скопје да се потпише меморандум за соработка на сите нивоа, особено во врска со затворскиот систем, со цел да се овозможи ресоцијализација на лицата кои издржуваат затворски казни.
Дел од делегацијата на министерот за правда во Турција се и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, и шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази.
Што се однесува до Палевски, доколку и кога ќе биде екстрадиран во земјава, тој веднаш ќе биде спроведен во казнено-поправна установа бидејќи веќе му е одреден притвор во рамките на истражната постапка што Основното јавно обвинителство Скопје ја отвори за случајот кој ја потресе македонската јавност, но и регионот.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, пред еден месец, односно на 9 јануари, во интервју за ТВ Сител изјави дека екстрадицијата на Палевски е можно да се случи многу скоро бидејќи според информацијата која ја добиле, таа не е спорна од разузнавачки и безбедносен аспект.
Останува уште само, наведе тогаш претседателот, да се договорат деталите за примопредавање, кои се од технички аспект.
Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, на брифинг со новинарите минатата недела рече дека во случајот со убиствата на Вања и Панче нема нови осомничени лица и оти не гледа пречка постапката за екстрадиција од Турција на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо да заврши брзо.
Во однос на истрагата, тој на брифингот рече дека предметот е во сериозна фаза.
„Нема нови осомничени лица. Предметот е во фаза на истрага. Правниот дел во делот за екстрадиција е завршен. Останува делот од Турција, за кој што немам последни сознанија. Предметот е веќе во средна, сериозна фаза, можеби за брзо ќе има нешто кога ќе заврши екстрадицијата и не гледам никаква пречка тоа да се заврши брзо“,
рече Бубевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и на 24 ноември лани, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.
Покрај Палевски, кој е првоосомничен, за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Во случајот е осомничен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого истрагата го сомничи дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување.
На сите четворица Основниот кривичен суд во Скопје им определи притвор, а идентична мерка за обезбедување на присуство му беше одредена и на Стефан Димовски, осомничен за помагање на сторителот во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.