Руското Министерство за одбрана целосно ги отфрли литванските тврдења. Во соопштението се вели дека неговите авиони СУ-30 извршувале планирани летови за обука над регионот Калининград во строга согласност со меѓународните правила

Литванија, членка на НАТО-алијансата, вчера ја обвини Русија за нарушување на нејзиниот воздушен простор. Според Вилнус, руски борбен авион „сухој 30“ и „иљушин 78“ влегле на литванска територија 18 секунди, околу 700 метри, од правецот на соседната руска енклава Калининград. Инцидентот веднаш ги подигна шпанските борбени авиони „еурофајтер тајфун“, кои се дел од мисијата на НАТО во регионот.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа остро го осуди инцидентот нарекувајќи го флагрантно кршење на меѓународното право и територијалниот интегритет на Литванија. Литванскиот министер за надворешни работи објави дека ќе повика претставници на руската амбасада во Вилнус на разговори во врска со нарушувањето на воздушниот простор.
This evening, Russian military planes violated Lithuanian air space. This is a blatant breach of international law and territorial integrity of Lithuania. Once again, it confirms the importance of strengthening European air defence readiness.@LithuaniaMFA will summon Russian… pic.twitter.com/0GS6OrKaRx
— Gitanas Nausėda (@GitanasNauseda) October 23, 2025
Москва ги отфрла обвинувањата
Од друга страна, руското Министерство за одбрана целосно ги отфрли литванските тврдења. Во соопштението се вели дека авионите СУ-30 извршувале планирани летови за обука над регионот Калининград во строга согласност со меѓународните правила.
„Авионите не отстапиле од својата рута на летот ниту ги прекршиле границите на други држави, што е потврдено со објективни средства за следење“,
соопшти Москва.
Инцидентот се случува во време на зголемени тензии и само неколку недели откако Естонија ја обвини Русија за слично нарушување на нејзиниот воздушен простор. Земјите на источното крило на НАТО долго време предупредуваат на зголемување на упадите на руски авиони и беспилотни летала, кои се толкуваат како дел од хибридни активности и тестирање на подготвеноста на Алијансата.
Германскиот воен аналитичар Карло Масала смета дека Москва станува сè понеодговорна во тестирањето на решителноста на НАТО.
„Имаме вакви провокации две и пол години, но она што го видовме во последните неколку месеци е дека Русите ја засилуваат својата игра“,
рече Масала.
Инцидентот сигурно ќе ги зајакне повиците за посилна европска воздушна одбрана, нешто што лидерите на ЕУ веќе го дискутираа, поддржувајќи го планот „Подготвеност 2030“ насочен кон одбрана на континентот до крајот на деценијата.
