Од кабинетот на претседателот на државата соопштија дека ова лице немало директен контакт со Пендаровски, а 11 лица со кои имало контакт имаат негативни тестови, но ќе бидат во самоизолација во следните 14 дена
Едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработено во Министерството за внатрешни работи, е позитивно на коронавирус, соопштија од кабинетот на претседателот на државата.
Неговиот резултат е потврден при вчерашното тестирање за ковид-19.
Од кабинетот на претседателот на државата потенцираат дека ова лице е дел од поширокиот тим на обезбедување и немало директна комуникација со претседателот. Минатата седмица членот на обезбедувањето користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај.
По спроведената епидемиолошка анкета, тестирани се уште 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно, чии тестови се негативни, но и покрај тоа остануваат во самоизолација, до истекот на инкубацијата од 14 дена.
Претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација.
Во соопштението се вели дека претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски, исто како и кабинетот, согласно препораките за заштита од ковид-19: Во изминатите два месеца вработените работат по различен распоред, поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено, на средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема, како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицираат просториите во вилата „Водно“.
Денеска напладне кај претседателот на државата треба да е одржи лидерска средба.
