Нема општа дефиниција, туку е прифатен категоријалниот пристап и во секој од законите има посебна дефиниција за овие лица, со што, меѓу другото, се отежнува процедурата за нивно стапување во работен однос, беше речено на тркалезната маса на тема „Премостување на јазот -вработување на лица со попреченост“
Сепак, според статистиката на Агенцијата за вработување, во последните години дел од лицата со попречености се охрабруваат да зачекорат и во претприемачкиот свет и да започнат сопствени бизниси: Лани биле основани 20 нови фирми од инвалидни лица, а остварени се и осум дополнителни вработуања. Воедно, со мерката за субвенционирање се вработиле 13 лица
„Лица со пречки“, „инвалидни лица“, „лица со посебни потреби“, „лица со попреченост во развојот“, „лица со хендикеп“ се само дел од различните термини за ранливите групи граѓани во земјава. Различното терминолошко определување на оваа група на граѓани во правната рамка и нејасната слика во однос на нивното дефинирање, со себе создава потешкотии во толкувањето и примената на законските одредби врз овие лица.
Нејасната дефиниција за овие групи на граѓани во најлош случај може да доведе и до исклучување на одредени лица од можноста за користење на правата кои им следат со закон. Затоа, потребно е наоѓање и воведување унифициран термин, со кој соодветно ќе се претставува оваа група на лица, а притоа тој да не биде насочен кон нивна стигматизација и дискриминација.
Стимулација на работодавачите за вработување лица со попреченост
Ова е една од препораките до Министерството за труд и социјална политика што денеска ја претставија универзитетските професорки Наташа Богоевска и Сузана Борнарова, а во однос на спроведената анализа за регулативата, пристапите и методите при вработување инвалидни лица, во рамки на проектот за модернизација и деинституционализација на социјалните услуги, финансиран од Европската Унија.
На денешната тркалезна маса на тема „Премостување на јазот -вработување на лица со попреченост“, Богоевска и Борнарова напоменаа дека постојат различни закони со кои се регулираат правата на лицата со попреченост при процесот на вработување и при работните односи, а со тоа ја гарантираат нивната инклузија во општеството. Во правната рамка, меѓу другото, спаѓаат Законот за вработување на инвалидни лица, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за социјална заштита, Законот за работни односи и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
„Она што е карактеристично за сите закони е тоа што нема општа дефиниција, туку е прифатен категоријалниот пристап и во секој од овие закони имаме посебна дефиниција за лицата со попреченост на кои ќе се однесуваат правата утврдени во конкретниот закон“,
истакна проф. Наташа Богоевска која ја потенцираше потребата од воведување терминолошка усогласеност за овие лица.
Сета таа различност во дефинирањето на овие групи доведува, како што вели, до отежнување на процедурата за нивно стапување во работен однос.
Но, сепак, како позитивен статистички податок во однос на вработувањата на овие групи на лица кој го истакна Беким Мурати, директорот на Агенцијата за вработување, е дека во последните години дел од лицата со попречености се охрабруваат и се одлучуваат да зачекорат во претприемачкиот свет и да започнат сопствени бизниси.
Па така, во 2021 година како што нагласи Мурати, основани се 20 нови фирми од инвалидни лица, а остварени се и осум дополнителни вработуања. Воедно, со мерката за субвенционирање се вработиле 13 лица со попречености. Тој меѓу другото додаде дека една од можностите за вработување на овие лица е стимулација на работодавачите од приватниот сектор кои не само што би ги вработиле лицата со попречености, туку со тие средства би ја набавиле потребната опрема за вршење на дејноста, како и во однос на потребната адаптација на работното место.
„Од 2015 до 2021 по овие основи се доделени приближно околу 1,1 милијарда денари од кои најголем дел се за вработување, односно се вработени 1 262 инвалидни лица. За оваа година обезбедени се 305 милиони денари како финансиска поддршка која ќе помогне во интеграција на лицата со попреченост на пазарот на трудот“,
истакна Мурати.
Отсуство на постепено транзитирање од заштитеното вработување до излегување на отворениот пазар на труд
Но, од друга страна, пак, анализата на Богоевска и Боранарова укажува дека финансиските бенефиции за вработување во основа се насочени кон работодавачите како директни корисници, а во помал дел кон самите лица со инвалидитет. Она што дополнително го посочуваат е дека овие стимулативни мерки претежно се обезбедуваат во вид на поддршка за влез на инвалидните лица на пазарот на труд, но не и кон нивна професионална подготовка, задржување и напредување на работното место.
Она што дополнително се провлекува како недостаток низ правниот лавиринт во кој се „заглавени“ лицата со попреченост е во однос на целокупниот систем за нивно вработување и одржување во работен однос. Тука, според анализата, отсуствува пристапот на постепено транзитирање од заштитеното вработување на овие лица, што, пак, преку поддржаното вработување би можело да им ги отвори вратите на отворениот пазар на труд.
„Многу е важно да го усвоиме овој пристап и да се движиме од заштитено вработување, преку поддржано вработување, кон отворен пазар на трудот. Многу е важно да се придвижиме од едната кон другата страна. Не велам дека тоа треба да го направиме преку ноќ, избрзано или со некои радикални и непромислени чекори за кои немаме основа ни во законската рамка ниту, пак, имплементациски поволни можности, туку тоа да го направиме постепено“,
истакна проф. Сузана Борнарова.
Тоа е целта, како што рече Борнарова, кон која што нашиот систем треба да се движи сега во текот на реформите и новите закони што се најавуваат.
МТСП подготвува нова регулатива за инклузијата на лицата со попреченост на пазарот на труд
Измените во законската регулатива, пак, и воведувањето на лицата со попреченост во еден поинклузивен пристап до отворениот пазар на труд го најави Наташа Димеска, советничка од Министерството за труд и социјална политика. Таа истакна дека соодветното вработување на овие лица нема да придонесе само за нивната севкупна вклученост, туку и за развој на нашето општество, бидејќи, како што рече, искористувањето на нивните потенцијали и квалитети е од бенефит за сите нас, за развој на услугите, на државата и за комплетно имплементирање на законските решенија.
„Токму од овие причини Министерството за труд и социјална политика подолго време работи на подготовка на нов закон за вработување на лицата со попреченост, како и на нов закон за работни односи, со кои се обидуваме да вградиме нови системски решенија за унапредување на инклузијата на лицата со попреченост на отворениот пазар на труд“,
напомена Димеска која го претстави ставот на МТСП, во отсуство на ресорната министерка Јованка Тренчевска.
Оваа инклузија, што ја најави Министерството за труд и социјална политика, во голема мекра ја потврди и Александру Албу, раководител во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, кој истакна оти долгогодишната стратегија на Европската Унија во однос на лицата со попречености е тие да можат во целост да уживаат во своите права. Тој додаде дека овој проект покажува дека може да се оствари, како што рече, одлична соработка помегу експертскиот тим и вработените во Министерствтвото, за унапредување на правата на овие групи на граѓани.
„Една од главните пораки што можат да се преземат од оваа анализа е дека лицата со попреченост не се со посебни или специјални потреби и не бараат посебен третман. Она што е исклучително важно е тие лица да добијат еднаков третман како и другите граѓани. Нашето општество мора да научи да се бори против дискриминацијата и различноста да ја гледа како позитивен елемент што треба да биде препознаен и искористен“,
истакна Албу.