„Да им го олесниме детството“ е пораката која на испишан транспарент ја испратија лицата со дијабетес на денешниот протест пред Министерството за здравство. Насобраните граѓани побараа законски измени со кои ќе се олесни набавката на потребните помагала и терапии.
„Да имаме право на избор како сите други европски земји сами да набавиме помагала кои ни требаат. Терапијата повторно ќе оди како досега, но без каснење. Да се сменат законите за јавни набавки, сите хронични болести и дијабетесот да не зависат од рокови и поединци. 45 илјади луѓе, 113 илјади семејства не може да чекаат дали ќе му текне на министерот да поптише или не“
порача претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Диме Велев.

Неколку часа пред закажаниот протест, министерот за здравство ги повика на средба, на која како што соопшти, ја потпишал одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта за сите деца со дијабетес, како и за бремените жени и слепите лица, кои првпат ќе добијат вакви сензори.
Велев вели дека се задоволни од средбата со министерот Фатмир Меџити бидејќи изразил уверување дека повеќе нема да има доцнење во набавките. Сепак, најави дека ќе го „држат“ за збор бидејќи седум месеци поминувале низ тешки искуства оставени без потребните терапии и апарати.
„Децата до 18 год и младите ќе добијат сензори во август. Конечно е потпишан договорот за глукомери и ленти после 7 месеци. Се прави екномска анализа за промена на моделот за добивање ленти и апарати преку референтна цена,“
порача Велев.
Лицата со дијабетес во неколку наврати јавно излегуваа на протести алармирајќи дека повеќе од половина година не добиваат навремена терапија, глукомери, игли и ленти, како и сетови за децата со Тип 1. Последниот рок кој им го доставија на надлежните за решение на проблемот беше 20 јули.