Владата денеска донесе одлука дека сите лица кои ќе бидат дијагностицирани со коронавирус, а се без здравствено осигурување, ќе се лекуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување.
„Донесена е Уредба со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба според која на осигурениците на кои им се ускратени правата од задолжителното здравствено осигурување поради нередовно уплатуван придонес или уплатата на придонесот задоцнила повеќе од 60 дена, односно имаат долг за неплатен придонес, можат во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од коронавирусот КОВИД-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“,
соопштија од Владата.
Оваа Уредба за лекување од ковид-19 на товар на Фондот, се однесува и на државјаните на Република Северна Македонија кои не се задолжително здравствено осигурени по ниту еден основ.
Донесена е одлука и за ограничување на извозот на заштитни маски од Северна Македонија, во количина која нема да надминува 80 проценти од просечното дневно производство на заштитни маски од хартија, целулозна вата или целулозни влакна и пластични маски со текстилен филтер.
„При секој извоз на заштитни маски кон царинската декларација се приложува изјава од извозникот и производителот дека во секој момент во магацините односно складовите располага со 20 проценти од просечното дневно производство на заштитни маски, која количина е наменета исклучиво за потребите на домашниот пазар“,
велат од Владата.
На денешната седница покрај зголемувањето на временската рамка на полицискиот час, донесена е уредба со ограничување на правото на исплата на парични паушали на извршните членови на Одборите на директори, на претседатели и членови на управни и надзорни одбори, советите на единиците на локалната самоуправа, комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од Владата или локалната власт.
Оваа уредба се однесува на оние кои истовремено се вработени за време на траење на вонредната состојба, а не се однесува на оние кои се евидентирани како невработени лица.