Полицијата денеска спроведе акција во која ја разби 12-члената криминална група која оперирала од декември лани
Десет члена на криминална група од Богданци, Скопје, Битола, Валндово и Лојане денеска се уапсени поради шверцување мигранти.
Групата оперирала од декември лани и досега се претпоставува дека прошверцувала околу 100 мигранти од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територија на Грција.
Како што соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, организатори на групата биле М.С., неговиот син С.С. од Богданци, А. А. од Скопје и А.М. од село Лојане, Општина Липково, кои во во соработка со лица од Грција, на територијата на нашата земја, изминатите десет месеци пренеле околу 100-ина илегални мигранти, за што наплаќале од 500 до 700 евра по лица.
Мигрантите од Грција во земјава биле внесувани преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, од каде што потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации, по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во Кумановско-липковскиот регион.
Таму тие биле сместувани привремено во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а потоа биле пренесувани преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската Унија.
Во денешната полициска акција извршени се претреси во вкупно 10 објекти во Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово, при што се уапсени 10 лица, додека еден веќе издржува мерка притвор за претходно сторено исто кривично дело.
До ОЈО се поднесени кривични пријави против 12 лица и тоа против М.С. (49) од Богданци, неговиот син С. С. (23) од Богданци, А.А. (42) од Скопје и А.М. (47) од с.Лојане општина Липково, Б.Ј. (22), М.М. (21) и Д.С. (29), тројцата од Богданци, Т.К.Ц. (53) од Штип, Ј.К. (23) од Богданци и Т.М. (36) од Валандово, Д.Љ. (39) и Ф.А. (26) од Скопје, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „Криумчарење на мигранти“ по различни ставови од членот 418 б и в од КЗ.
Се работи за заедничка акција на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“, во координација со јавен обвинител од ОЈО за Гонење организиран криминал и корупција.