Полицијата информира дека во изминатото деноноќие биле лишени од слобода пет возачи, тројца за пребрзо возење, а двајца за возење под дејство на алкохол. Еден од возачите возел со 192 км/ч на автопатот Скопје-Тетово. Против возачите ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – безобѕирно управување моторно возило

Пет возачи се лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). Тројца возеле со многу поголема брзина од пропишаната, еден од нив со дури 192 км/ч. Останатите двајца возеле под дејство на алкохол.
Двајца од возачите се лишени од слобода на автопатот Скопје-Тетово, едниот кај местото Студена Вода, а другиот кај местото Добарски натпатник.
„А.Ј. (31) од с. Долна Лешница, Општина Желино. При контрола со радар било констатирано дека управувал патничко возило ‘ауди’ со брзина од 184 километри на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена на 80 километри на час… Б.А. (25) од с. Студеничани, скопско. При радарска контрола било констатирано дека тој управувал патничко возило ‘бе-ем-ве’ со скопски регистарски ознаки со брзина од 192 километри на час на место каде што максимално дозволена брзина е ограничена на сто километри на час“,
соопшти МВР.
Третиот возач возел безобѕирно со многу поголема брзина од дозволената на патот Битола-граничен премин „Меџитлија“ кај селото Кравари.
„При контрола со радар во патниот сообраќај констатирале дека С.С. (22) од с. Средно Егри, Битолско, управувал патничко возило ‘фоксваген поло’ со битолски регистарски ознаки со брзина од 107 километри на час во населено место на место каде што максималната дозволена брзина е 50 километри на час“,
велат од МВР.
Еден од двајцата пијани возачи бил запрен при полициска контрола на регионален пат во Општина Маврово-Ростуше, на место викано Ростушко Анче.
„Полициски службеници од ОВР Дебар го лишиле од слобода В.Д. (48) од Скопје. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило ‘шкода’ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,90 промили алкохол во крвта“,
соопшти полицијата.
Вториот пијан возач полицијата го запрела во Велес.
„Полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Д.В. (27) од Велес. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило ‘бе-ем-ве’ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека му биле измерени 2,28 промили алкохол во крвта“,
соопшти МВР.
Според полицијата, возачите веднаш биле исклучени од сообраќај, а за настаните биле запознаени надлежни јавни обвинители. По целосно документирање на случаите, против возачите ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – безобѕирно управување на моторно возило.