Преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ треба да почнат, Германија и понатаму активно ќе се залага за тоа, рече германската министерка за Европа, Ана Лирман
Германија е сериозна со ЕУ-перспективата за сите држави од регионот. ЕУ во однос на Северна Македонија стои на својот збор. Сите предуслови за почеток на пристапните преговори се исполнети. Преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ треба да почнат, Германија и понатаму активно ќе се залага за тоа, рече германската министерка за Европа, Ана Лирман, на денешната заедничка прес-конференција со министерот Бојан Маричиќ.

Лирман потенцира дека билатералните прашања мора да бидат билатерално решени, независно од пристапниот процес со ЕУ. Додаде и дека нашата земја и Бугарија активно работат на решение на блокадата.
„Северна Македонија консеквентно продолжува да чекори по патот на реформите и владеењето на правото што е исто така сигнал во правец на ЕУ. Би сакала да Ве охрабрам да останете на тој пат“,
истакна министерката, дополнувајќи дека без борба против корупцијата ниту една земја не може да се развива.

Министерот Маричиќ претходно нагласи дека Северна Македонија е одлучна за отворените прашања со Бугарија да разговара отворено, искрено и принципиелно.
„Од големо значење за целокупниот преговарачки процес ќе биде и ЕУ да даде свој придонес со кој ќе покаже дека сѐ уште е жива агендата за проширување“,
подвлече Маричиќ.
Тој оцени и дека денешната посета на Лирман, на првиот ден од новоформираната влада, е од исклучително значење, но претставува и афирмација на германската поддршка за македонската европерспектива и за интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
Лирман претходно денеска се сретна со премиерот Димитар Ковачевски.
Веднаш по пристигнувањето утрово таа беше примена од претседателот Стево Пендаровски.

Како што соопштија од неговиот кабинет, на средбата Пендаровски се заблагодари што проширувањето на Европската Унија и Западниот Балкан се меѓу клучните приоритети на новата Влада на канцеларот Олаф Шолц.
Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија останува посветена на европската агенда и го реафимира очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Во таа насока, претседателот Пендаровски посочи на подготвеноста на нашата држава за продолжување на дијалогот со Република Бугарија, во духот на добрососедските односи, со цел надминување на блокадата во однос на европските интеграции.