Според него, Австрија е уверена дека Северна Македонија е подготвена за процесот на преговори за членство во Европската Унија

Северна Македонија мора да биде членка на ЕУ, порачува во интервју за МИА австрискиот министер за европска и меѓународната соработка Михаел Линхарт, кој вчера беше во посета на земјава.
Во интервјуто тој посочува дека Австрија негува големо пријателство со Северна Македонија и дека двете држави имаат долга заедничка историја.
„Одлично ги познаваме состојбите на Западен Балкан. Тука и лежи нашиот придонес во целиот овој процес. Има многу ситуации каде што можеме да го објасниме Западниот Балкан, но исто така и да ги поддржиме земјите од Западен Балкан во нивните објаснувања кон Европа. Ова е особено важно и ние се обидуваме да донесеме повеќе од Европа во Западен Балкан и тоа не само преку пристапниот процес. Ова е многу важно особено за младите луѓе, да им се објасни што е Европа, кои се нејзините вредности и што претставува тој заеднички дом. Ние треба да ги објасниме тие работи на овие земји“,
потенцира Линхарт.
Според него, Австрија е уверена дека Северна Македонија е подготвена за процесот на преговори за членство во Европската Унија.
„Северна Македонија е дел од Европа и целта е Северна Македонија да стане членка на Европската унија. Северна Македонија мора да биде членка на ЕУ, ова е нашето уверување и сигурен сум дека заедно ќе ја постигнеме оваа цел. Двете страни треба да вложат напори, секако преку целосна поддршка од наша страна“,
нагласува Линхарт.