По дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“ во Владата, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани издвои дел од мерките кои Министерството планира да ги воведе во наредниот период. Една од мерките, како што рече, е зголемување на еднократната финансиска помош за првородено, а драстично зголемување на еднократната финансиска помош за второродено дете. Дополнително, се планира еднократна финансиска поддршка за родени близнаци
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани денеска на прес-конференција најави финансиска помош и даночни ослободувања кои ќе бидат во функција на националните демографски политики.

По дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“ во Владата, Лимани издвои дел од мерките кои Министерството планира да ги воведе во наредниот период. Една од мерките, како што рече, е зголемување на еднократната финансиска помош за првородено, а драстично зголемување на еднократната финансиска помош за второродено дете. Дополнително, се планира еднократна финансиска поддршка за родени близнаци.
„Планираме поврат на данок на личен доход, создавање можност за секоја жена без разлика на имотната состојба или бројот на децата да добие шест бесплатни инвитро оплодувања, намалување на листата на чекање за сместување во детски градинки, даночно ослободување во висина од 30 000 евра за отворање на приватна детска градинка, се обврзуваме да понудиме неколку типови готови проекти за изградба на детски градинки, воведување асистенти и стручни соработници во детските градинки, а имаме и други владини мерки“,
нагласи министерот Лимани.
Националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси Владимир Ѓорчев порача дека демографијата е приоритет на Владата и дека затоа во претстојниот период ќе бидат објавени мерки кои се релевантни по однос на ова прашање.
„Сакаме да чуеме и предлози затоа што, мислејќи за иднината не смееме да мислиме само за наредните два-три месеци, напротив треба да мислиме за наредните 10, 20 или 30 години, а во тој дел клучно е прашањето за демографските политики. Во таа смисла ние во моментов ги анализираме буџетските можности што ги имаме, владината програма е за четири години, а во делот на демографските политики има два фундаментални елементи, а тоа е намалување на иселувањето и да се зголеми фертилитетот. Во делот на намалување на иселувањето имаме цела низа инвестиции, Македонија за среќа оваа година во првиот квартал е со највисок раст на БДП во регионот“,
рече Ѓорчев.
Во однос на помошта за семејствата, тој најави дека од 1 септември ќе бидат обезбедени книги за децата, ќе се отвораат нови детски градинки и ќе се воведат дополнителни мерки важни за поддршка на семејствата.
Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителни даноци за немажените и неженетите граѓани во државата. Тој ова го кажа говорејќи на дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, која денеска се одржа во свечената сала во Владата.
Мицкоски во говорот се осврна на демографските предизвици и намалениот наталитет од година в година.