Касами додава дека Лимани на ифтарската вечера во Тирана заминал самостојно, а не како претставник на ВЛЕН
Лимани даде објаснување во објава на неговиот приватен фејсбук-профил. Според него, одговорот е многу поедноставен од обидот тоа да се претвори во „политичка дилема“

Ифтарска вечера организирана од албанскиот премиер Еди Рама предизвика полемики кај партиите од албанскиот блок во земјава.
Причина е објавената фотографија на која се гледа дека на заедничка маса седат министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, и лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, придружени од уште неколку функционери од нивните партии.
Фотографијата го разгори веќе постоечкиот судир помеѓу министерот Лимани и неговата партија Беса, која е дел од владејачката коалиција ВЛЕН.
Имено, од ВЛЕН побараа објаснување од Лимани зошто седел на заедничка маса со Ахмети и Таравари, кои се нивни директни политички ривали.
„Како фотографија, не би рекол дека е најдобра, но ја презентира позицијата на министер кој сè уште останува министер во владата, предложен од ВЛЕН или каде е ВЛЕН. Се разбира, останува на самиот Лимани да објасни зошто седнал на маса со Али Ахмети, за кого самиот кажал дека под никакви услови не би седел со оние кои ги обвини за убиството на неговиот татко“,
изјави за ТВ 21 еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами.
Касами додава дека Лимани на ифтарската вечера во Тирана заминал самостојно, а не како претставник на ВЛЕН.
Лимани даде објаснување во објава на неговиот приватен фејсбук-профил. Според него, одговорот е многу поедноставен од обидот тоа да се претвори во „политичка дилема“.
„Бев поканет на ифтар како министер што ја претставува државата. Во нашата култура, домаќинот е тој што го одредува редот на софрата и местата на гостите. На една трпеза на гостопримство не се оди за да се прават политички калкулации и да се наруши софрата, туку за да се почитуваат традицијата, гостопримството и заедничкиот човечки момент. Софрата не е место за поделби, туку за почит“,
пишува Лимани.
Тој додава дека фотографијата или присуството во заедничка средина не ја препишува историјата на политичките ставови на никого. Политичката култура и општествената зрелост, вели Лимани, напредуваат и бараат и противниците да бидат во состојба да се поздрават, да разговараат и да зачуваат минимум нормалност во човечките односи.
„Додека некои се обидуваат да создадат вештачки дилеми од една фотографија од ифтар, јас се соочувам со една друга реалност: отворен и исклучувачки обид против мене, токму од оние со кои заедно изградивме еден политички проект. Не е тајна дека во рамките на ВЛЕН се развива борба со ‘лакти’ за да се заменат, со анонимни фигури, главните протагонисти кои го реализираа проектот на обединување“,
додава тој.
Секој обид да се проблематизира еден ваков момент, додава Лимани, повеќе зборува за стравот на некои луѓе од дијалог, отколку за политичката реалност.
Фотографијата што разви преписки помеѓу Лимани и ВЛЕН може да се види дека е направена надвор од салата во која се организирала ифтарската вечера.
На неа се гледа дека на вечерата бил и поранешниот министер за надворешни работи од редовите на ДУИ, Бујар Османи, кој и самиот информира оти учествувал на ифтарот во Тирана.
И поранешниот министер за здравство Арбен Таравари објави на Фејсбук дека бил на ифтарската вечера во Тирана.
Инаку, преписките во врска со фотографијата меѓу Лимани и партијата која го стави на министерската функција доаѓаат во време кога меѓу нив има отворено недоразбирање.
Касами минатиот месец рече дека членството на Беса изразило незадоволство од работата на Лимани и оти кога ќе дојде на дневен ред реконструкцијата на владата, за овој ресор може да биде предложен друг кадар.
Коментирајќи ги наводите на Касами, премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека е задоволен од работата на Фатмир Лимани и дека тој претставува додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Мицкоски тогаш го потсети Касами дека тој е мандатар на владата и оти тој одлучува кој ќе биде дел од неа.
