Обвинителката тврди дека освен вербални докази (бомбите) поседува и цврсти материјални докази со кои без сомнение ќе докаже дека имотот што Груевски го стекнал за време на мандатот, го запишувал на други имиња. Адвокатите ги бранат своите клиенти и сметаат дека обвиненијата се апсурдни и нелогични
Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски, изјави денеска обвинителката Лиле Стефанова во воведниот говор од првото рочиште за случајот „Плацови на Водно“ во кое првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а со него на обвинетиелната клупа се и неговиот кум Ристе Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, неговата мајка, Ратка Куновска Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
„Обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт што го тврдиме, ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба“,
кажа Стефанова во воведниот говор.

Таа побара сите обвинети да бидат огласени за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт.
„Овој предмет, можеби, никогаш немаше да биде отворен, доколку не беа ‘бомбите’, кои беа и јавно објавени. Груевски беше премиер повеќе од 10 години. Во целиот овој период негуваше имиџ на лице кое е безимотно, живее во стан на својата мајка, нема возило и има само заштеда од плата. Е, содржините од овие разговори, како основи на сомнение, упатуваа на сосема друга слика и фактичка состојба. Тој поседува имот кој за својот мандат го стекнувал, но го запишувал на други имиња. Ова ќе го докажам со сослушување на сведоци кои купувале имот на име на фирми, специјално за таа намена. Ќе докажам дека во зградата во која живеел купил стан и го запишал на име на сведок кој ќе биде сослушан. Во 2009 г. го купил и четвртиот стан од истата зграда и го запишал на име на фирма. Во доказната постапка ќе изведеме материјални докази, од кои судот ќе се убеди дека Груевски во 2009 година за себе обезбедил плац од 2 700 метри квадратни, до резиденцијата на Вилма Трајковска. Ќе ги презентираме и проектите за куќата, која секако е во барокен стил, а требало да биде изградена. Обезбедил и два плаца во Крушево. Влијаел да се изменат закони, за да може да се продаваат шуми и земјоделско земјиште за да се градат викендици. Овие плацови биле на име на неговиот кум, Ристо Новачевски“,
истакна обвинителката Лиле Стефанова.
По воведниот говор на обвинителката, поради правило на еднаквост на оружјата, одбраната упати предлог да им се дозволи да ги разгледаат доказите, кои, според нив, беа споменати во воведниот говор на обвинителката, а не им биле дадени на увид претходно, по што судот одлучи да ја одложи расправата за 19 јули. Според обвинението, Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации.
Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012 г., тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11 000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.
Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договара оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Адвокатот на Сашо Мијалков, Ѕвонко Давидовиќ, по завршувањето на рочиштето, изјави дека обвинението против Мијалков нема ниту правна логика ни човечка логика.

„Онака како што е напишано, обвинението воопшто не соодвествува на законското битие на делото перење на пари. Покрај тоа што нема правна логика, нема ни човечка логика, затоа што на еден министер за финансии, на премиер кој беше на функција 10 години, навистина не му е потребен никој за да му обезбеди офшор компанија, а обвинителката сама во воведниот говор си скокна во уста и рече дека веќе знаел дека имало офшор компании, па капиталот таму го вложувал. Така што, обвинението е буквално исконструирано по мојот клиент”,
вели Давидовиќ.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе, парите се пуштаат во оптек, а Новачевски, во својство на управител на фирмата, со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба на шума со површина од 11 255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Полномошникот на Јордан Камчев, адвокатот Еленко Миланов, најпрво се пожали дека неговиот клиент не може здравствено да ги издржи условите во притворот во Шуто Оризари, упатувајќи на “медицински докази од четири институции кои укажуваат дека условите во кои се наоѓа се ризични за неговото здравје и може да предизвикаат страшни последици”. Во однос на обвинението, Миланов рече дека нема економски докази дека трансакциите се вршеле преку офшор компании за купување на овој имот.

„Ги пуштил како прв парите во промет, но не се исполнети законските докази. Трансакциите немаат економско вештачење. Сите средства во купување на овие удели се од деловното работење“,
додаде Миланов.
Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2 729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Експремиерот Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев во Судот беа спроведени од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.
Истрагата за „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава, од каде откако го прифатија и електронски го распределија кај судечки совет, го закажаа и првото рочиште за денешниот датум.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.