Даноците за мултинационалните корпорации, борбата со климатските промени, повици до Кина и Русија за почитување на човековите прави се дел од темите во заедничкото соопштение на лидерите од Г7
Светската здравствена организација (СЗО) подетално да го испита потеклото на Ковид-19 во Кина, бараат лидерите на Седумте најразвиени индустриски земји Г7 (САД, Канада, Германија, Франција, Италија, Велика Британија и Јапонија) во заедничка деларација објавена по тридневниот Самит во Корнвол, Велика Британија.
Во изјавата тие нагласуваат дека втората фаза од истрагата мора да биде транспарентна, темелкна и водена од експерти.
Во однос на коронавирусот, тие се согласиле и да донираат една милијарда вакцини на сиромашните земји, количина за која СЗО се огласи и рече дека не е доволна.
Повици до Кина и Русија
Во декларацијата се повикува и Кина да ги почитува човековите права на ујгурското муслиманско малцинство во Ксинџијанг и на жителите на Хонг Конг, притоа изразувајќи подготвеност да соработува со Пекинг за прашањата од заеднички интерес. Тие ја повикаа Кина и да се воздржи од акции кои би ја дестабилизирале состојбата во Источнокинеското и Јужнокинеското море, регион богат со ресурски на кои и други земји полагаат права.
Пред да се појави заедничкото соопштение, пак, Кина се огласи до порака дека завршиле деновите кога мали групи на земји одлучуваат за судбината на светот.
Г7 испрати и пораки кон Русија. Побараа оваа земја да „престане со дестабилизирачките активности“, да ги почитува човековите права и да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за кибер напади од нејзината територија. Исто така, лидерите повикуваат Русија да престане со „систематската репресија врз цивилното општество и независните медиуми“.
Борба против климатските промени
Лидерите на Самитот се согласиле да го зголемат својот придонес во финансирањето на климатските активности и да го исполнат ветувањето од претходно, дека ќе обезбедат 100 милијарди долари годишно помош за посиромашните земји. Ги повикаа и другите развиени земји да се приклучат во борбата против климатските промени.
„Ја потврдуваме колективната цел на развиените земји да работат заедно за да обезбедат 100 милијарди долари годишно до 2025 година од јавни и приватни извори, во контекст на суштинско дејствување и транспарентност“, се наведува во декларацијата.
Она за што се договорија е и да се воведе минимален глобален данок од најмалку 15 отсто за мултинационалните коорпорации. Ова беше очекувано со оглед дека претходно министрите за финансии се согласија постигнаа согласност околу ова прашање со цел да се борат против „даночните раеви“ и неплаќањето данок, односно против даночната конкуренција меѓу земјите.