И палестинското исламистичко движење Хамас апелира до арапските и муслиманските земји да ги спроведат донесените декларации и да го принудат Израел да ги сопре нападите, односно да стави крај, како што се вели, на агресијата и геноцидот на народот во Газа
Лидерите на арапските и муслиманските земји се состанаа вчера на Самит одржан во Саудиска Арабија, од каде што го повикаа Израел да се повлече од окупираните арапски територии, со цел да се постигне сеопфатен мир на Блискиот Исток.
„Праведен и сеопфатен мир во регионот не може да се постигне без да се стави крај на израелската окупација на сите окупирани територии од 1967 година, кога Израел ја започна окупацијата на Западниот Брег, Источен Ерусалим и сирискиот Голан. Тоа е и во согласност со резолуциите на Обединетите нации и арапскиот мировен план од 2002 година“,
се вели во завршната декларација на самитот.
Овој заеднички самит на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка, чиј домаќин е Саудиска Арабија повикува на единство на сите палестински територии, како Појасот Газа и окупираниот Западен Брег, во рамки на палестинската држава. Се посочува дека главен град мора да биде Источен Ерусалим, окупиран од Израел.
И палестинското исламистичко движење Хамас ги повика арапските и муслиманските земји да ги спроведат донесените декларации и да го принудат Израел да ги сопре нападите, односно да стави крај, како што се вели, на агресијата и геноцидот на народот во Газа.
Лидерите на арапските и муслиманските земји ја повикаа и меѓународната заедница да „забрани извоз или трансфер на оружје и муниција во Израел“.
Самитот во Ријад, посветен на ситуацијата на Блискиот Исток, беше можност за неговите учесници да ги утврдат нивните очекувања од идната администрација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
За време на неговиот прв мандат, Трамп направи многу потези во корист на Израел, особено со преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, но придонесе и за нормализирање на односите со Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Мароко и Судан, преку Аврамски договори.
На самитот во Саудиска Арабија присуствуваа повеќе од педесет муслимански земји.