Цензурата на еден денес значи режим за сите утре, порачуваат од партијата и додаваат дека апликацијата до Европскиот суд за човекови права е во подготовка
Политичката партија Левица попладнево најави дека ќе поднесе тужба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур откако Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка по иницијативата за Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), според кое, на партијата не ѝ следуваат државни пари за политико рекламирање за локалните избори.

Според Левица, Упатство што го оспорија пред Уставен довело до целосна цензура на нивната партија, која и покрај тоа што е парламентарна, не добила ниту една секунда медиумски простор за рекламирање во текот на локалните избори. Од партијата велат дека се оневозможени да се рекламираат дури и со сопствени средства за разлика од, како што наведуваат, „милионското расфрлање пари“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Оттаму реагираат и на тоа што Уставниот суд одлучил ова прашање да го разгледува на само три дена пред изборите, закажани за 19 октомври, и тоа не по службена должност, велат од Левица, туку по поднесената иницијатива од нивна страна.
„Иако контроверзното Упатство не е објавено во ‘Службен весник’, а по својата суштина претставува општ акт и согласно Уставот мора да биде објавено за да произведува правно дејствие, ги повредува уставните начела на еднаквост и политички плурализам преку противуставната цензура, повредува меѓународни правни акти инкорпорирани во нашиот правен систем, со кои е гарантирано правото на политичко дејствување загарантирано со Европската конвенција за човекови права и со Уставот. Сепак, за судиите од Уставниот суд тоа не е нималку важно и штетно по уставниот поредок и е ‘во согласност со закон’, настрана што и законот не е уставен – од причина што се работи за дискриминација на партија која е трн во око на олигархијата, нивните газди“,
велат од Левица во објава на Фејсбук.
Цензурата на еден денес значи режим за сите утре, порачуваат од партијата и додаваат дека апликацијата до Европскиот суд за човекови права е во подготовка.
По денешната одлука на Уставниот суд, од Левица велат дека се убедени дека државата ќе го загуби овој спор во Стразбур.
„Судот во Стразбур ќе има полни раце работа по оваа одлука, а ние нема да запреме со правната и институционална борба за основните демократски права“,
додаваат од Левица.
Од партијата оценуваат дека со денешната одлука Уставниот суд уште еднаш покажал дека не е на нивото да ја врши својата суштинска должност – оценувањето на уставноста на правните акти.
Образложувајќи ја одлуката, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференција изјави дека доколку Агенцијата за аудио и доколку постапела како што предлага подносителот на иницијативата, односно минутажата да биде распределена на трите пратенички групи од власта и трите што се во опозиција, во тој случај таа би ги пречекорила своите законски овластувања.
„ААВМУ била должна да го донесе ова Упатство, тоа е втемелено на закон и во суштина само ја операционализира законската одредба од членот 75-ѓ од Изборниот законик. Тоа значи дека ова Упатство нема никаков проблем со законитоста“,
рече Костадиновски.
Костадиновски упати и критики до подносителот на иницијативата, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој, како што рече, е пратеник и универзитетски професор и затоа треба „да покаже малку поголема и политичка и правна и академска култура“ во квалификацијата на постапките на Судот.
Инаку, претседателот на Левица поднел иницијатива за оценување на уставноста на членот 75-ѓ од Изборниот законик, но, бидејќи е поднесена подоцна, таа ќе се оценува на некоја од наредните седници по локалните избори.
Споделувајќи го своето лично мислење околу овој член на Изборниот законик, Костадиновски рече оти смета тој е проблематичен и дека Судот веќе еднаш го разгледувал во 2022 г. Тогаш, како што наведе претседателот на Уставен, тој напишал издвоено мислење на околу петнаесетина страници. Сега, како што наведе, по вторпат ќе го разгледуваат ова прашање и би бил, додаде, среќен доколку неговото издвоено мислење од пред три години стане мнозинско мислење.