Како решение, партијата предлага целосно бришење на точката 10 од нацрт-упатството, преформулирање на точката 3, со дистрибуција на платените рекламни секунди пропорционално меѓу сите партии со пратеничка група. Во конкретниот пример, партијата предлага распределба во сооднос 3:2:1, при што најголемите партии добиваат најмногу секунди за рекламирање, а помалите парламентарни партии, како Левица и Движењето ЗНАМ, добиваат соодветен дел
Партијата Левица денеска испрати претставка до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) поради противуставни и противзаконски одредби во нацрт-упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, според кое таа е исклучена од можноста за платено политичко рекламирање.
Оттаму предупредуваат дека предложените правила во оваа нацрт-упатство ги дискриминираат помалите парламентарни партии, го ограничуваат правото на информираност на граѓаните и го поткопуваат демократскиот процес.
Левица бара итни измени, а во спротивно најавува судски постапки на домашно и меѓународно ниво.

Главната критика на Левица се однесува на точката 3 од нацрт-упатството, која ја регулира распределбата на платеното политичко рекламирање, односно во алинеите 1 и 2 се инсистира на тоа права на рекламирање да имаат само двете најголеми партии од позицијата и опозицијата, без оглед на другите парламентарни партии.
„Целта на законот е да ги опфати и покрие сите регистрирани партии без исклучок кои учествуваат во изборниот процес, а не само најголемите. Со ваква ригидна интерпретација, на една легално регистрирана партија ефективно и се забранува да се рекламира, дури и со сопствени средства“,
се вели во соопштението од Левица.
Оттаму посочуваат дека со ваквото ограничување се создава директна политичка дискриминација и повреда на принципот на еднаквост, но и ризик од судска постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со што државата би била материјално оштетена, а се поткопува и кредибилитетот на целиот изборен процес.
Партијата ја критикува и точката 10 од нацрт-упатството, која предвидува дека радиодифузерите треба да го наведат точниот назив на нарачателот на политичките реклами, а не на поддржаните партии. Тоа, како што велат од партијата, е противзаконско бидејќи Изборниот законик познава само формални коалиции, а не поддржувачи и воведува нови правни термини што не постојат во законот.
Предупредува дека тоа може да се толкува и како поттикнување на кривично дело – злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Како решение, Левица предлага целосно бришење на точката 10 од нацрт-упатството, преформулирање на точката 3, со дистрибуција на платените рекламни секунди пропорционално меѓу сите партии со пратеничка група. Во конкретниот пример, партијата предлага распределба во сооднос 3:2:1, при што најголемите партии добиваат најмногу секунди за рекламирање, а помалите парламентарни партии, како Левица и движењето ЗНАМ, добиваат соодветен дел.
Доколку АВМУ не го коригира нацрт-упатството, од Левица најавија и дека ќе преземат правни и вонправни мерки, како граѓански, управни и кривични постапки.
Од движењето За наша Македонија – ЗНАМ попладнево се огласија во врска со поплаките од партијата Левица и посочија дека сè е транспарентно, по јасни правила и закони, а не по желби и апетити на алчни политичари.
Сметаат дека нема простор за плачење и театар од страна на Левица.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе му отстапат простор за рекламирање на движењето ЗНАМ – За наша Македонија затоа што во Куманово и Центар имаат заеднички кандидати за градоначалници.
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) го објави Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, документ кој уредува – колкав дел од државниот колач за политичко рекламирање ќе добијат партиите, преточено во просторот што за таа намена ќе им биде одвоен од радиодифузерите, националниот сервис и Собранискиот канал.
„360 степени“ денеска го анализираше Упатството, кое е во нацрт-верзија и за него е отворена јавна консултација. Заинтересираните страни можеа да дадат свои мислења и предлози во врска со Упатството, по писмен пат и најдоцна до денеска попладне, односно до 16:30 часот.
Инаку, нацрт-верзијата на Упатството почна да предизвикува контроверзии и реакции, кои, според оние од каде што тие доаѓаат, произлегува од правните празнини во Изборниот законик.
Од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места, но недоволно за пратеничка група (за пратеничка група се потребни пет пратеници) и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во парламентот.
Проблемот е што во актуелниот состав на македонското Собрание има две партии кои ниту се дел од првите две партии од власта или од опозицијата по бројот на пратеници, а истовремено освоиле повеќе од пет пратеници и имаат пратеничка група. Такви се Левица, со шест пратеници, и ЗНАМ која има пет.
Најгласна во реакциите е политичката партија Левица. Нејзиниот претседател и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев, уште пред да биде објавено Упатството излезе со реакција дека под директива на ВМРО-ДПМНЕ, АВМУ и нејзиниот директор Зоран Трајчевски го планираат финалниот удар против Левица за овие избори оти е исклучена од можноста за платено политичко рекламирање.