Партијата Левица со илјадници амандмани секојдневно ќе ги блокира законите кои во Собранието ќе ги предложи владејачкото мнозинство, најави пратеникот Борислав Крмов.
Причината за ваквиот потег, како што кажа Крмов, е зачестената пракса на пуштање на закони во скратена постапка, дискриминација на неалбанските пратеници оти добивале закони двојазично, а не само на македонски, како и злоупотребата на европското знаменце.
„Заради тие три работи и враќање на уставниот поредок во Собранието, ние од денеска почнуваме целосна блокада“,
рече Крмов и посочи дека иако се само двајца пратеници на Левица, тој и Апасиев вредно ќе поднесуваат амандмани.
Крмов обвини дека власта сервира најопасен преседан со тоа што со европско знаменце го пушта во процедура Законот за државјанство.
„Зборуваме за закон донесен зад затворени врати меѓу Алијанса/Алтернатива и СДСМ, издејствуван преку блокада во Собранието. Самите Алијанса и Алтернатива се фалеа дека ќе пумпаат 70 до 80 илјади државјанства со овој закон, баш пред пописот. Овој закон беше блокиран од Левица на Комисијата за одбрана и безбедност и сега власта, на очиглед на јавноста, го враќа назад и го пушта со европско знаменце, само да помине шверцерски и нè става пред свршен чин. Како може еден закон без европско знаменце одеднаш да стане со европско знаменце? Такво нешто е невозможно. Законот ја крши Европската конвенција за државјанства и мора јавна расправа“,
посочи Крмов.
Од кабинетот на собранискиот спикерот Талат Џафери, за Канал 5 ТВ, потврдиле дека законот за државјанства веќе е кај Џафери со европско знаменце и се очекува тој денеска да го пушти до сите пратеници на разгледување.
На новинарско прашање, за тоа како може да биде дискриминиран, кога сите материјали во Собранието пратениците ги добиваат двојазично, Крмов одговори дека има право да ги добие документите само на македонски јазик.
„Секако дека е тоа дискриминација. Според Уставот и според Законот за јазици, иако е нелегален, имате две можности во Собранието – да ги добиете законите чисто на македонски и ако сте припадник на малцинство кое е повеќе од 20 проценти, да ги добиете и на мајчин јазик. Има двојазичност за останатите, ние треба да ги добиваме само на македонски. Ние добиваме само двојазично, моето име е преведувано со грешки. Јас треба да ставам потпис на документи на коишто едната страна не ја разбирам, не знам како е преведено“,
кажа Крмов.