Очекуваат мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, да ја поддржи оваа иницијатива оти, како што потенцираат од Левица, ова не е партиска идеја, туку решение што ќе му користи на целиот град
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје вчера поднесе иницијатива за формирање градско енергетско претпријатие „Енергија Скопје“, чија цел е градот да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори.

Од Левица сметаат дека Град Скопје и неговите јавни претпријатија сега плаќаат огромни износи за струја, што завршуваат во надворешни снабдувачи, наместо тие средства да се трошат на комунални услуги, инфраструктура и подобар јавен превоз.
„Со ова решение, градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да продава вишок на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи“,
се вели во поднесената иницијатива од советничката група на Левица.
Ова, како што велат од партијата, е стратешки проекти што обезбедува долгорочна стабилност и независност, а не краткорочна мерка оти градската управа има неискористен потенцијал, како покриви, објекти и локации каде што можат да се развијат фотоволтаични централи и системи за складирање енергија.
„Очекуваме мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи иницијативата ако навистина им е приоритет јавниот интерес. Ова не е партиска идеја, туку решение што ќе му користи на целиот град“,
велат од партијата.
Според Левица, одбивањето на оваа иницијатива би значело дека некој става политички интерес пред интересот на скопјани и дека не сака долгорочно решение за намалување на трошоците, модернизација и енергетска независност.
Од партијата додаваат и и дека ќе продолжат да предлагаат системски и развојни проекти со кои Скопје ќе стане постабилен, енергетски ефикасен и поеколошки град.
