Двајцата пратеници од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, поднесоа кривична пријава против своите колеги пратеници – Бисера Костадиновкса од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ за прекршување на здравствените прописи. Освен во Обвинителството, пријава за прекршување на мерката изолација доставиле и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
„Со таквото свое дејствие предизвикале став и несигурност кај пратениците и кај јавноста, но воедно го довеле во прашање животот и здравјето на народните избраници и на нивните семејства, а со тоа и нормалното функционирање на институцијата Собрание на РМ – како централен државен орган и единствен уставен носител на законодавната власт во Републиката“,
пишува во пријавата од Левица.
Од Левица наведуваат дека поднеле кривична пријава и против собранискиот спикер Талат Џафери.
„Сето ова го договарал и знаел и собранискиот спикер – третопријавениот Џафери, но истиот не само што не сторил ништо за да го спречи, како најповикано одговорно службено лице со дадени овластувања со Законот за Собранието на РМ и со Деловникот на Собранието на РМ, туку истиот и го организирал овој опасен биохазарден експеримент, кој може да го парализира нормалното работење на законодавниот дом во целина“,
додаваат од Левица.
На собраниската седница во неделата двајца пратеници од владејачкото мнозинство дојдоа во Собранието со посебна заштитна опрема, маска и скафандер, и од специјално изолирана просторија гласаа за законите од петтиот сет економски мерки за помош на повеќе сектори погодени од пандемијата. Нивното присуство на седницата, собранискиот спикер го образложи дека е во согласност со посебен протокол, донесен уште минатата година, според кој пратениците што се во изолација без симптоми на ковид-19 да можат да учествуваат во работата на Собранието од посебна соба, без контакт со другите пратеници во салата.