„Мора да има ревизија за сите предмети кои ги работела компромитираната антикорупционерка за да се стави крај на штитењето на корупцијата на највисоките ешалони на власта. Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше двајца високи функционери од партијата на власт, како Бојан Христовски и Ивица Томовски“, велат од партијата
Партијата Левица денеска ѝ поднесе кривична пријава на поранешната членка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска поради сторено кривично дело – противправно стекнување и прикривање имот.
Ова следи по најавата на лидерот на партијата, Димитар Апасиев, дека ќе биде поднесена кривична пријава против Ристовска бидејќи, како што рече, поднела лажирани податоци во Анкетниот лист со цел да ги прикрие фирмите на нејзините синови, што, според него, е стипулирано кривично дело според важечкиот Кривичен законик.

„Таа спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за пријавување на целосна и вистинита имотна состојба, која вклучува личен и имот на членовите на семејството, иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство“,
велат од Левица.
Според партијата, се работи за свесно и намерно прикривање имот, ако се има предвид дека компаниите што таа не ги пријавила добиле два милиони денари од касата на владејачката партија, како награда за нејзиното непостапување против нивните функционери.
„Ова дополнително го потврдува фактот што таа го пријавува останатиот имот на своите деца во анкетниот лист, но свесно или намерно, ја изоставува фирмата која постои уште од 2020 година“,
се вели во партиското соопштение.
Од Левица сметаат дека не е доволно тоа што таа даде оставка од функцијата членка во Антикорупциската комисија, туку треба да има и одговорност за Ристовска за свесното прикривање имот.
„Мора да има ревизија за сите предмети кои ги работела компромитираната антикорупционерка за да се стави крај на штитењето на корупцијата на највисоките ешалони на власта. Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше двајца високи функционери од партијата на власт, како Бојан Христовски и Ивица Томовски“,
посочуваат од оваа партија.
Ристовска на 13 февруари поднесе оставка од функцијата членка во ДКСК по, како што наведе во документот, јавните полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа во ова тело.
На почетокот на минатиот месец, ДКСК отвори два предмети за својата колешка Ристовска, за проверка на случаи на судир на интереси и непријавување имот. Едниот е во врска со фирма на еден од нејзините синови, која добивала пари за кампањата за претседателските избори во 2024 година, а другиот е за наводите дека таа во својот анкетен лист не пријавила дека двајцата нејзините синови имаат фирми за маркетинг.
По нејзината оставка од ДКСК, Левица оцени дека тоа не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните и клиентелистички врски што ја компромитирале институцијата.
