Давајќи образложение за интерпелацијата, пратеникот Сашко Јанчев од Левица рече дека таа се темели на четири основи – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје
Пратеничката група на опозициската Левица денеска во Собранието поднесе интерпелација за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поради, како што рече на прес-конференција пратеникот Сашко Јанчев, нефункционалност и политички влијанија врз работата на Основното јавно обвинителство.

Давајќи образложение за интерпелацијата, Јанчев рече дека таа се темели на четири основи – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Јанчев вели дека селективноста во истрагата за пожарот во Кочани е очигледна бидејќи се гонат поранешни, а не актуелни функционери во МВР, Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат.
„Од истрагата изоставени беа одговорни лица кои треба да водат евиденција за давање одобренија за употреба на пиротехнички средства, актуелната началничка на ОВР Кочани Марија Цветановска-Маневска, началникот на одделот за криминалистички работи во Кочани, Томе Донев, кој е на функција повеќе од една година и е фотографиран во партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ. Изоставена е главната инспекторка за економски криминал во Кочани, Христина Јованова и сменоводителот на критичната ноќ Драган Петрушев. Во ситуација кога под истрага беа бившата државна секретарка на Министерството за економија и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, нејасно е зошто сегашниот државен секретар и сегашниот директор на ДПИ Влатко Стојкоски беа изземени од истрагата“,
рече Јанчев на денешната прес-конференција во Собранието.
За вториот основ – политичко влијание врз Обвинителството – пратеникот од Левица посочи на јавната конфронтација помеѓу Владата и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во која беше најавена негова смена, но по трагедијата во Кочани постапката за негова смена беше стопирана.
„Недостигот од кворум во Советот на јавни обвинители и негативното мислење за смена на обвинителот по интервенцијата на премиерот, го поткрепуваат сомнежот за партиски пазар“,
додаде Јанчев.
Тој го спомена и случајот со вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски, оценувајќи дека во Вишото јавно обвинителство Скопје се случува хаос. Јанчев алудира на одлуката на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство од пред неколку дена со која се предложи разрешување на Хајрулахи. Комисијата донесе одлука и за обвинителот Цветановски, кому му е одредено намалување на плата.
Пратеникот Јанчев го обвини републичкиот јавен обвинител и за непостапување по однос на дивоградбите во скопски Чаир и игнорирање на пријавите за фалсификување документи од страна на градоначалникот Висар Ганиу.
„Љупчо Коцевски е персонално одговорен за состојбите во обвинителството, согласно член 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, кој го обврзува да одговара пред Собранието за општите состојби во институцијата. Целта на интерпелацијата е донесување заклучок дека наводите се основани, кој потоа ќе биде доставен до Владата за да ја продолжи постапката за смена на обвинителот Коцевски“,
посочи пратеникот на Левица.