Во оние општини каде двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат апсолутно мнозинство во советите, Левица вели дека ќе дејствува како опозиција. Но, во конкретни општини каде мнозинството на досегашните опозициски партии ќе зависи од советниците на Левица, како што велат од раководството, тие се спремни да дадат условена поддршка
Во пресрет на вториот круг од локалните избори закажан за 31 јануари, Левица ги повика партиските членови да гласаат по сопствено убедување. Меѓутоа, од партиското раководство нагласуваат и дека е општокорисно да се следи антивладиното расположение.
„Во поглед на гласањето за градоначалници во вториот изборен круг, упатуваме на разумот и совеста на нашите членови, поддржувачи и симпатизери – истите да гласаат по сопствено убедување. Левица напоменува дека, во овој момент, општокорисно е да се следи бранот на антивладиното настроение на народната волја, против погубните политики на квислингот Заев и корумпираните структури на ДУИ, кои ја имаат окупирано секоја пора на општеството, за конечна детронизација на нивните мафијашко-криминални клики во заминување“,
гласи еден од заклучоците на президиумот на Левица.
Нема да прави формална коалиција со ниту една партија, во некоја општина може ќе го бара претседателското столче во Советот
Во соопштението кое го објави президиумот на Левица, се наведува дека партијата има склучено само коалиција со народот и со граѓаните и затоа одбива каква било формална коалиција со кој било друг политички субјект – било од власта, било од опозицијата.
Во оние општини каде двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат апсолутно мнозинство во советите, Левица вели дека ќе дејствува како опозиција. Но, во конкретни општини каде мнозинството на досегашните опозициски партии ќе зависи од советниците на Левица, како што објаснуваат од раководството на партијата, тие се спремни да дадат условена поддршка.
„Во овој историски миг, гледајќи ја поголемата политичка слика и државниот интерес на Републиката, наша политичка должност – како нова генерација на неподмитливи македонски политичари – е да не бидеме сламката за спас, за која ќе се фати хибридниот режим на Заев и ДУИ, за свое понатамошно опстојување и владеење, туку ќе бидеме клучните политички актери кои ќе го зададат финалниот удар за дефинитивен пад на заевизмот и конечно развластување на ДУИ, како спој на поданичко и силеџиско владеење, кое е спротивно на националните интереси и на АСНОМ-ските идеали на македонскиот народ.
Во конкретни општини и во Градот Скопје, каде што мнозинството на досегашната парламентарна опозиција во локалните совети зависи од нашите советници, постои теоретска и практична можност тие да дадат малцинска, т.е. условена поддршка – исклучиво на конкретни и точно одредени проекти кои се во јавен интерес на народот и за доброто на месното население, инсистирајќи притоа да се вметнат и суштински општокорисни предлози од нашата Локална предизборна програма за таа општина. Било кој обид за незаконско или штетно работење од било кого, советниците на Левица ќе го спречат и јавно обелоденат!“,
гласат дел од заклучоците на президиумот на партијата.
Понатаму, од партијата додавааг дека не ја исклучуваат можноста во конкретна пилот-општина да побараат претседателот на Советот да биде од нивните редови со цел, како што велат, јакнење на својот политички опит и административен капацитет за раководење со општината и креирање на јавни политики во општ интерес.