Ова е скандал од невиден размери, каде европски пари се делат на универзитет, за кој и министерката Весна Јаневска во официјални изјави потврди дека се утврдени бројни неправилности во неговото работење. Скриената коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се докажува повторно, велат од Левица
Додека премиерот Мицкоски секојдневно ги обвинува ДУИ за криминал и корупција, неговите директори делат европски пари на спорниот универзитет во Струга, кој е директно во сопственост на фунционерот на ДУИ и градоначалник, кој е на „црна листа“, Рамиз Мерко, велат од Левица. Во објавата на Фејсбук од Левица посочуваат дека новопоставената в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Ана Михајлов, пред една недела одобрила грант од „Еразмус+“ на „Меѓународниот универзитет Струга“.
„Ова е скандал од невиден размери, каде европски пари се делат на универзитет, за кој и министерката Весна Јаневска во официјални изјави потврди дека се утврдени бројни неправилности во неговото работење. Скриената коалиција помеѓу ДПМНЕ и ДУИ, која совршено функционира во општините каде ДПМНЕ е власт, се докажува повторно. За Универзитетот на Рамиз Мерко има бројни скандали и истиот е познат дека единствено служи за принтање дипломи на функционерите на ДУИ, без да исполнува никакви критериуми за неговата спорна акредитација“,
велат од Левица.
Од Левица ја повикуваат и министерката за образование Весна Јаневска да одговори зошто наместо да се затвори универзитетот по констатираните неправилности, Владата дели грантови од европски пари?
„Дали власта со амнестирањето на криминалот во овој универзитет постепено ја најавува идната влада со ДУИ, со оглед на тоа што и поранешниот вицепремиер Груби, кој е во бегство, партијата на Мицкоски веќе не го спомнува?!“,
прашуваат од Левица.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека СДСМ ја финансирале сопругата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку Националната агенција за „Еразмус+“. На денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков обвини дека ова укажува на соработка меѓу двете партии, иако јавно се претставуваат како спротивставени.
„Додека Апасиев пред камерите глуми противник на СДС, зад затворени врати неговиот семеен круг бил дел од системот кој го водела власта на СДС, добивал финансии и уживал привилегии“,
кажа Лефков.
На обвинувањата на Лефков реагираше сопругата на Апасиев, Тамара Јованов, која во објавата на Фејсбук порача ВМРО-ДПМНЕ да не се однесуваат со агенцијата како со „своја дедовина“, туку како институција која треба да им служи на сите граѓани еднакво.

Инаку, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност задолжена за „Еразмус“ изминатиот период е дел од партиски преписки и обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ изнесоа, како што велат, скандал во Националната агенција за европски образовни програми, обвинувајќи ја Владата дека за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов, која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегуваат со контраобвинувања, од каде што велат дека СДСМ ја користеле Агенцијата за европски образовни програми како своја приватна фондација за да им додели грантови на свои партиски кадри.